Zlatan Kapic
05 Септември 2017•Ажурирај: 06 Септември 2017
БЛЕД (АА) - Првиот потпретседател на Владата на Република Србија и министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, денес изјави дека членството во ЕУ е еден од најголемите надворешнополитички приоритети на Србија, а перспективата за членство дава моќен поттик на сеопфатните реформи што ги спроведува земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
На неформалниот состанок на министрите за надворешни работи од земјите-членки на Процесот на соработка во југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Блед, Словенија, Дачиќ изјави: „Членството во ЕУ секако останува еден од најголемите надворешнополитички приоритети за Србија, а перспективата за членство дава силен поттик за сеопфатните реформи што Србија ги спроведува и поттикнува на помирување и регионална соработка на целиот Балкан“.
„Нашата надеж е дека претседавањето на Естонија ќе го запаметиме по тоа што Србија ќе отвори поголем број преговарачки поглавја и ќе сториме сѐ што е до нас за да се оствари тоа. Меѓутоа, нашиот реформски процес го спроведуваме првенствено поради нас самите, нашите земји и граѓани. Членството во ЕУ е дополнителна корист, кон којашто тежнееме како клучна надворешнополитичка цел“, изјави Дачиќ, и додаде:
„Свесни сме дека во однос на другите кандидати, преговарачкиот процес на Србија е дополнително оптоварен со условување на напредокот во преговорите, со напредокот во дијалогот меѓу Белград и Приштина. Тој процес зависи од двете страни. Меѓутоа, а тоа сакам особено да го нагласам, сите спорни прашања во регионот мораме да ги решаваме со непосредни разговори на заинтересираните страни, а во рамките на преговарачкиот процес, особено прашањата од доменот на правното наследство и позитивната практика на ЕУ.
Од Србија можете да очекувате конструктивен пристап и непоколеблива посветеност при решавањето на сите спорови и отворени прашања“, изјави Дачиќ.
Србија останува одговорен чинител и учесник кој придонесува за регионалната стабилност и безбедност, и покрај сите предизвици. Токму затоа го поддржуваме интензивирањето на регионалната соработка со воспоставување нови тела како Фондот за Западен Балкан, Регионалната канцеларија за соработка на младите, Транспортната заедница, Коморскиот инвестициски форум и други.