СКОПЈЕ
Потребно е билатералните прашања да се решаваат во билатерален формат, а историјата треба да им биде оставена на историчарите. Добрососедските односи се важен дел од секоја рамка, а потребно е да се врати меѓусебната доверба и да изградиме здрави добрососедски односи за идните генерации, порача во Скопје европратеникот Илхан Ќучук, известувач во Европскиот парламент за Република Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Европратеникот Ќучук престојува во посета на Северна Македонија во рамките на која се состана со министерот за надворешни работи на земјата, Бујар Османи. По средбата Османи и Ќучук одржаа заедничка прес-конференција.
Ќучук упати благодарност до министерот Османи, со кој во последните години имал можност да работи многу активно. Во контекст на нацрт-резолуцијата за Северна Македонија, што во текот на месец март треба да се усвои од страна на Европарламентот, Ќучук рече дека неговата улога како известувач е објективна и ја отсликува реалната слика за земјава, истакнувајќи дека Македонија има силен ангажман во реформите.
„Никој нема интерес од слика што не одговара на вистината. Нема интерес ниту ЕУ, ниту Северна Македонија, но немаат интерес ниту граѓаните на Северна Македонија. Се радувам што слушам дека европскиот ангажман на РСМ е многу висок, имав можност тоа да го слушнам и од Османи и од други претставници од владејачката коалиција. Секогаш сум кажувал дека достигнувањето на големите цели како членство во НАТО, членство во ЕУ, бара национален консензус и тука имаме улога сите“, истакна Ќучуќ и додаде дека и Европската Унија и граѓаните бараат повеќе од политичарите, а тука улога има и опозицијата, која треба да дава адекватни предлози за да земјата биде реформирана на патот кон ЕУ.
„Реформите ќе продолжат многу интензивно да бидат важен дел од програмата на Владата и да бидат длабоки, тоа го бара ЕУ, како и да нема назадување во резултатот од реформите. Се радувам дека во тешки моменти Република Северна Македонија ѝ дава рака на ЕУ и обратно. ЕУ дава рака на Северна Македонија. Големиот интерес на ЕУ да биде глобален политички играч, може да се реализира само со сите земји од Западен Балкан“, заклучи Ќучук.
Осврнувајќи се на билатералниот спор помеѓу Северна Македонија и Бугарија, европратеникот рече дека во споровите помеѓу државите „губат сите, а никој не добива“.
„Нашата работа како политичари не е да градиме ѕидови, туку да ги рушиме, да можат граѓаните и на Бугарија и на Северна Македонија да живеат во свет кој е слободен, во свет кој дава поголема безбедност и просперитет. Нема лесен разговор за историјата, но разговорите за историјата бараат поглед кон иднината. Стратешкиот интерес на Северна Македонија е да биде во ЕУ. Стратешки интерес на Бугарија е Северна Македонија да биде дел од ЕУ. Затоа има потреба од разговори, има потреба од чесност во односите. Има потреба од враќање на Договорот (за пријателство и добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија) од 2017 година, бидејќи дијалогот беше нарушен, а без дијалог и доверба нема големи резултати“, потенцираше Ќучук.
Тој информираше дека во текот на посетата на Северна Македонија ќе има средби со државниот врв и со политичките лидери, при што изрази уверување дека ќе биде потврдена европската поддршка од сите политички сили, вклучително и од опозицијата.
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, рече дека денешната посета е важна за земјата со оглед дека претстои гласање на нацрт-резолуцијата за Република Северна Македонија во Европскиот парламент, првин на 4 март на Комисијата за надворешна политика, а гласањето на пленарната седница на Европскиот парламент се предвидува за крајот на март.
„Не очекуваме ништо повеќе од она што е реално. Република Северна Македонија испорача на сите полиња и заслужува вреднување на остварениот напредок. Потребно е ЕУ да ја операционализира одлуката од март минатата година преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција. Навистина сметам дека е важно европратениците да го вреднуваат нашиот напредок и оваа резолуција, иако не е обврзувачки документ, претставува јасен израз на европскиот политички дух, објективен суд за европските вредности како најголем заштитник на европскиот кредибилитет, а тоа ни е важно на сите, особено нам, земјите од регионот, затоа што европската идеја е таа која нè обединува околу современите вредности“, истакна Османи.
Османи рече дека им е јасно оти е потребно уште многу да работат и натаму на сите полиња во континуитет, со цел да ги отстранат сите пречки на патот до полноправно членство на РСМ во ЕУ.
Османи рече дека во оваа насока го отвориле и прашањето за односите Северна Македонија - Бугарија.
„И покрај разочарувањата во земјата со несмалено темпо се одвива политичкиот дијалог со цел да не дозволиме поширок застој во меѓусебните односи. Пред крај сме на финализација на акцискиот план којшто ќе претставува значаен документ што ќе ја следи линиската соработка во сите области и очекувам преку посветена работа и трпеливо да ја вратиме довербата и во политичкиот дијалог“, додаде Османи.
Во рамките на посетата, покрај со министерот за надворешни работи, Ќучук ќе оствари средби и со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, претседателот на Владата, Зоран Заев, претставници на парламентарните групи и други државно-политички претставници.
news_share_descriptionsubscription_contact
