İlkay Guder
21 Април 2017•Ажурирај: 23 Април 2017
АНКАРА (АА) - Откако во Турција беше одржан референдумот за уставни промени, претседателот на оваа земја, Реџеп Таип Ердоган, во наредниот период ќе одржи состаноци со голем број светски лидери. Ердоган ќе престојува во Индија, Русија, Кина, САД и во Брисел, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Турција, Ердоган, на 30 април, за првпат како претседател на земјата ќе отпатува во посета на Индија, каде што ќе учествува на турско-индискиот деловен форум. Во рамките на посетата, планирани се и состаноци со претседателот на Индија, Пранаб Мукерџи, потпретседателот Хамид Ансари и премиерот Нарендра Моди.
Во таа пригода ќе зборуваат за борбата против тероризмот, јакнењето на економската и трговската соработка на двете земји, како и за активностите на терористичката организација ФЕТО во оваа земја.

По Индија, Ердоган патува во Русија, каде што на 3 мај, во Сочи ќе се состане со претседателот на оваа земја, Владимир Путин.
Се предвидува дека главна тема на разговорт меѓу Ердоган и Путин би требало да биде ситуацијата во Сирија. Освен тоа, двајцата претседатели ќе разговараат и за економските односи на Русија и Турција.
Ердоган и Путин последен пат се состанаа на 10 март во Москва.
Следната станица на Ердоган ќе биде главниот град на Кина, Пекинг, каде што турскиот претседател на 14 и 15 мај би требало да учествува на форумот на светските лидери „Генерации и пат“.
На овој форум, покрај Ердоган ќе присуствуваат и лидери на вкупно 28 земји, меѓу кои и претседателот на Русија, Владимир Путин, претседателот на Филипините, Родриго Дутерте, премиерот на Пакистан, Наваз Шариф, и претседателот на Индонезија Џоко Видодо.
По враќањето од Кина, Ердоган ја продолжува турнејата со посета на САД, на 16 и 17 мај, каде што ќе се состане со претседателот Доналд Трамп.
Трамп неодамна упати честитка до претседателот Ердоган, по повод успешно одржаниот референдум за уставни промени, а во таа пригода изјави: „Нашето пријателство е важно, многу работи ќе ги направиме заедно.
Трамп исто така изјави дека САД ќе биде во блиска соработка со Турција кога е во прашање Сирија, Ирак и борбата против терористичката организација ПКК.
Ердоган и Трамп на 25 мај ќе престојуваат во Брисел, на Самитот на лидерите на НАТО. Темата на самитот ќе биде борбата против тероризмот и зголемување на трошоците за одбрана.