Alma Dekovic
08 Декември 2022•Ажурирај: 11 Декември 2022
САРАЕВО (АА) – Хрватска денеска, на состанокот на министрите за внатрешни работи на земјите членки на Европската Унија во Брисел, доби едногласна поддршка за влез во Шенген-зоната, додека за Бугарија и Романија немаше консензус, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тоа значи дека од 1 јануари 2023 година за Хрватска ќе се укинат граничните контроли на копнените и поморските гранични премини, а од 26 март на аеродромите.
„Хрватска е во Шенген. Нема повеќе граници на нашиот европски пат. Ги исполнивме сите услови, поминавме низ долг и тежок процес, а одлуката беше донесена со целосна согласност на Советот за внатрешни работи. Со Хрватска во Шенген придобивка имаат сите – граѓаните, стопанството, Хрватска и ЕУ“, напиша хрватскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи, Давор Божиновиќ.
Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, на социјалните мрежи потврди дека неговата земја добила едногласна поддршка од Советот за внатрешни работи и правосудство, наведувајќи дека на 1 јануари следната година Хрватска станува членка на Шенген-зоната.
„Ги постигнавме стратешките цели на Владата на Република Хрватска, од кои најголема корист ќе имаат граѓаните и стопанството!“, објави Пленковиќ на Фејсбук.
За Хрватска се гласаше поединечно, додека Австрија стави вето при гласањето за Бугарија и Романија.
Виена ја обвинува Романија дека е дел од западнобалканската рута што ја користат нерегуларните мигранти кои доаѓаат во Австрија, и се противи на нејзиното вклучување во шенгенскиот простор на Европската Унија.
Шенген-зоната вклучува територии на 26 европски земји и функционира како област на една држава, со традиционални контроли за оние кои влегуваат и излегуваат од областа, но без контроли на внатрешните граници.