Zylfije Adem Jakupi
24 Април 2023•Ажурирај: 25 Април 2023
ПРИШТИНА (АА) - По повод вонредните избори во четири општини на северот на Косово, портпаролот на Европската Унија (ЕУ), Петер Стано, оцени дека тие не нудат долгорочно политичко решение и дека е императив итно да се врати ситуацијата во која косовските Срби активно учествуваат во локалната управа, полицијата и судството на северот на Косово, пренесува Анадолу.
Стано наведе дека Европската Унија признава дека вонредните избори во четирите општини на северот на Косово се одржани во согласност со правната рамка на Косово и дека се вложени напори тие да се одржат на непречен и уреден начин, но жали што сите партии и заедници не го искористиле своето демократско право да учествуваат и да гласаат на изборите.
Како што истакна Стано, многу слабиот одѕив, особено од косовските Срби, покажува дека овој процес не е и не може да се смета за вообичаен.
„Откако косовските Срби ги напуштија косовските институции на северот на Косово во ноември 2022 година, ЕУ доследно се ангажира со двете страни со цел да го олесни нивното враќање“, наведува Стано, соопштено е од ЕУ.
„Овие избори нема да понудат долгорочно политичко решение за овие општини. Тоа може да се случи само преку трајно враќање на косовските Срби во институциите и Косово да го овозможи тоа враќање. Работата на формирање Заедница на општини со српско мнозинство треба да заврши што поскоро“, порачува Стано.
Тој додава дека императив е итно да се врати ситуацијата во која косовските Срби активно учествуваат во локалната управа, полицијата и судството на северот на Косово.
„За таа цел постои итна потреба за сериозен дијалог меѓу Владата на Косово и косовските Срби на северот. Досега е направен мал напредок. Затоа, потребно ни е двете страни да ја одиграат својата улога и да ги исполнат своите обврски. Договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија е вистинска платформа за постигнување на оваа цел“, рече Стано.
Портпаролот на ЕУ истакна и дека ЕУ ги поздравува професионализмот на косовската полиција, Мисијата на ЕУ за владеење на правото (ЕУЛЕКС) и КФОР во обезбедувањето безбедна средина за изборите.