Abdula Berisha
08 Ноември 2022•Ажурирај: 09 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Приватната клиниката „Жан Митрев“ бара институциите да ја откријат вистината во врска со наодите од новинарските истражувања, и притоа негира дека пациентите биле злоупотребени, особено не за време на ковид-пандемијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во јули објави истражувачки документарен филм „Нечиста крв“, во кој постојат сведоштва на семејства на пациенти дека во Клиниката „Жан Митрев“ имало бројни пропусти при лекувањето на пациенти од Ковид-19 и наводи дека Клиниката не приложила податоци за интрахоспиталните бактериски инфекции кај пациентите.
Основачот и главен хирург на Клиниката, Жан Митрев, заедно со неговиот правен тим, одржаа брифинг со новинарите на кој се истакна дека стапката на успех на третманот на пациентите со компликации од Ковид-19 во истоимената клиника изнесува околу 75 проценти.
Според Митрев, оваа стапка на успех во лекувањето е повисока од националниот просек објавен од Институтот за јавно здравје.
Во врска со употребата на хемофилтрацијата со употреба на огзирис-филтер, што се оспорува во документарниот филм, биле лекувани околу 36 проценти од вкупниот број примени пациенти со Ковид-19 во Клиниката „Жан Митрев“.
Во изјава за медиумите по брифингот, Митрев рече дека повеќе од 50 проценти од овие пациенти се преживеани, но истакна дека со хемофилтрација биле третирани пациентите „во најтешка состојба“.
„Значи воопшто не држи тезата дека ние со хемофилтрацијата сме направиле т.н. бизнис и сме ги навеле луѓето да им правиме хемофилтрација. Тоа беше исклучиво, како медицинска индикација, шанса повеќе за да преживеат. Инаку, тие пациенти ќе беа сите 100 отсто мртви“, нагласи Митрев.
Тој истакна дека во јавноста се изнесени невистини и лаги кои имаат за цел да наштетат на неговиот углед и на угледот на институцијата. Митрев рече дека не се сомнева во работата на истражните органи, и притоа упати повик што побрзо да се расветли случајот.
„Јас не се сомневам, јас само барам ова малтретирање психичко да се заврши што побрзо бидејќи нонстоп во некои медиуми се појавуваат некои невистини кои директно влијаат на мене како човек, а и на целата институција", додаде Митрев.
Обвинителните органи на земјата имаат отворено истрага за наодите, но сè уште не се знае дали ќе има обвинение.
Во месец јули, министерот за здравство на Северна Македонија, Беким Сали, рече дека „никој не е над законот, ниту има недопирливи“, но дека е потребно соодветно време за да се истражи случајот.