Admir Fazlagic
29 Декември 2020•Ажурирај: 30 Декември 2020
СКОПЈЕ
Владата на Република Северна Македонија донесе одлука за финансиска помош од 6 милиони денари за Хрватска, по силниот земјотрес во Петриња, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата за паричната помош од Северна Македонија за Хрватска, која денес ја погоди силен земјотрес, преку социјалните мрежи ја соопшти премиерот Зоран Заев.
„Владата на денешната седница донесе одлука за финансиска помош од 6 милиони денари за Хрватска, по силниот земјотрес во Петриња. Солидарноста е првиот порив во овие моменти и ќе пружиме помош согласно потребите", истакна Заев.
Тој додаде дека до хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и до сите хрватски граѓани погодени од земјотресот упатува силна поддршка.
„Во име на сите граѓани на Северна Македонија изразувам и сочувство за жртвите", напиша премиерот Заев.
Откако околу 12:20 часот е регистриран земјотрес со јачина од 6,3 степени по Рихтер, 46 километри југоисточно од Загреб, сеизмолозите во период од еден час регистрираа четири помали потреси со магнитуда од три до 4,5 степени.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ потврди дека градоначалникот на Петриња, Даринко Думбовиќ, го известил дека во земјотресот загинало девојче.
Најмалку 20 повредени во земјотресот во Петриња згрижени во болницата во Сисак.