Admir Fazlagic
30 Септември 2019•Ажурирај: 01 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија Зоран Заев во Скопје се состана со поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на прес-службата на Владата на Северна Македонија во срдечна и пријателска атмосфера вечерва се одржа средбата меѓу Заев и Ципрас, кој е во посета на Северна Македонија на покана на магазинот „Економист“ како еден од главните говорници на Самитот за Западен Балкан – „Зајакнување на моментумот на европските интеграции“ што се одржува во Скопје.
Како што се соопштува, двајцата соговорници на средбата разговараа за придобивките од Преспанскиот договор и нагласија дека договорот ја заслужува севкупната поддршка од двете земји.
„Решението постигнато со договорот потпишан во Преспа ја смени реалноста меѓу двете земји и создаде нова, позитивна динамика во односите меѓу земјите во регионот, заклучија премиерот Заев и поранешниот грчки премиер Ципрас. Низ разговорот беше констатирано дека од 17 јуни минатата година соработката меѓу двете земји се продлабочува, откако беше поставена на темелите на договорот за ново пријателство и стратешко партнерство", се вели во соопштението и се додава:
„На средбата Заев и Ципрас констатираа поголем број придобивки како што е зголемената трговска размена за 20% за само една година, покренатите постапки за нови гранични премини меѓу двете земји, блиската соработка во сферата на одбраната како дел од заедничките политики што произлегуваат од НАТО, во делот на безбедносната контрола на небото над Северна Македонија (Аir Policing), како и зајакнувањето на соработката во повеќе други области."
На средбата во кабинетот на премиерот Заев, според владиното соопштение, заеднички беше поздравено скорешното полноправно членство на Северна Македонија во НАТО, чија завршна фаза, ратификацијата на Протоколот за пристапување, започна токму во парламентот на Република Грција.
„Двајцата соговорници на средбата ја поздравија силната поддршка за отпочнување на преговорите меѓу нашата земја и ЕУ, за која оценија дека доаѓа не само како резултат на Преспанскиот договор и позитивните ефекти на решавањето на билатералниот спор меѓу Северна Македонија и Грција, туку и заради исполнувањето на домашните реформи", информираат од Владата на Северна Македонија.