Admir Fazlagic
15 Јуни 2018•Ажурирај: 15 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, упати писмо со срдечни честитки по повод муслиманскиот празник Рамазан Бајрам до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, Сулејман Реџепи, со порака и желби до сите верници од исламската вероисповед празникот да ги исполни со топлина и радост нивните домови и души, пренесува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев во честитките по повод Рамазан Бајрам, посакува празникот и оваа година да биде повод за зацврстување на верата и надежта во подобра иднина и напредок, и да биде уште еден придонес за заедништво во семејствата, меѓу соседите, пријателите и меѓу сите луѓе со добра волја и мисла.
„Со искрената посветеност на Бога, сите заедно и искрено да продолжиме со традицијата која со векови живее на овие простори. Да ја јакнеме Македонија како пример за соживот, почит и разбирање за луѓето од сите вери и нации, и да создаваме дела и вредности за следните генерации“, се вели во писмото на премиерот Заев до муслиманските верници во Република Македонија, по повод празникот Рамазан Бајрам.
Постот во месецот Рамазан за муслиманите заврши, а денес е извршена молитвата по повод големиот празник Рамазан Бајрам, кој се слави по месецот на постот. Веднаш по молитвата муслиманите овој празник го прославуваат во кругот на семејството и своите најблиски и пријателите, посетувајќи се меѓусебно.