СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во своето годишно обраќање рече дека 2016 година беше година на светли јубилеи, кои беа затемнети од големи предизвици и на глобален и на домашен план. Иванов своето годишно обраќање го одржа во неговиот кабинет, поради тоа што новиот новиот состав на Собранието на Република Македонија, по изборите одржани на 11 декември сеуште не е конституиран, јавува Anadolu Agency (AA).
Иванов на почетокот на своето обраќање истакна дека нема да зборува за заканата од насилен екстремизам и голем број други предизвици со кои не се соочува само Македонија, туку и регионот, Европа и целиот свет, туку ќе зборува за најважните прашања на земјата, како шо се политичката криза што создаде амбиент на страв и на неизвесност.
Иванов додаде дека од 2009 година, кога Македонија го доби првиот позитивен извештај и препораката за почеток на преговорите со Европската унија, досега колектор Македонија имала позитивни извештаи и препораки за членство во ЕУ и НАТО. Тој истакна дека Македонија не бара оправдување и дека е свесен за недостатоците, но и дека е свесен за недостатоците и неисполнетите обврски од страна на НАТО и на Европската унија во однос на Република Македонија.
„Неодговорното однесување на НАТО и на Европската Унија кон Македонија неминовно се одрази на нашата внатрешна политика. Се изгуби реформскиот моментум, се затегнаа односите меѓу политичките партии и се намали трансформирачката моќ на Унијата. Последиците од блокадата станаа причина за нови блокади на Република Македонија", рече Иванов.
- Ситуацијата во Македонија дополнително се комплицираше во април оваа година -
Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, рече дека ситуацијата дополнително се комплицирала на почетокот на месецот април оваа година, кога се одложиле изборите закажани за јуни месец 2016 година.
„На нашата јужна граница илјадници мигранти се обидуваа насилно да ја срушат заштитната ограда и повторно да го отворат балканскиот мигрантски коридор кон Европа. Истовремено, на нашата северна граница упаднаа 40 насилни екстремисти и терористи со намера да извршуваат одмазднички терористички акти. Постоеше и сè уште постои висок ризик од заканата од странските терористички борци кои се вратија од боиштата на Блискиот Исток", рече Иванов.
Тој истакна дека од новата влада очекува во својата програма да иа два главни приоритети, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата и системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија.
„Овие приоритети се неопходни, пред сè, поради бројните закани со кои се соочуваме и поради внатрешните слабости кои ги имаме. Последиците од конфликтите во регионот на Северна Африка и на Блискиот Исток, илегалната миграција, активностите на странските терористички борци и на нивните поддржувачи, транснационалните криминални мрежи, насилниот екстремизам, радикализам и интересите на разни центри на моќ, влијаат врз поларизација на македонското општество", рече македонскиот претседател.
Додаде дека тие можат да предизвикаат идни внатреетнички, меѓуетнички и меѓурелигиски тензии во Македонија, за кои, како што нагласи, постои навистина висок ризик за внатрешната безбедност од надворешните закани.
- Македонија не е на бинационална, туку унитарна држава -
Во своето обраќање претседателот Иванов истакна дека нема да дозволи некои партиски лидери на преговарачка маса да ги ставаат националните интереси на државата, што е спротивно на Уставот. Тој побара од новата влада да се изврши попис на населението, кој последен пат беше спроведен пред 14 години, потенцирајќи дека Македонија е унитарна држава со мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општество.
„Никогаш нема да се согласам Република Македонија да биде бинационална држава. Никогаш нема да се согласам Република Македонија да биде федерална држава. Република Македонија е унитарна држава на сите нејзини рамноправни граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, христијани, муслимани, Евреи и атеисти. Тоа е она по што сме различни од другите", истакна Иванов.
Македонскиот претседател повика одредени политички лидери да престнат да се повикуваат и да ги злоупотребуваат имињата на амбасадорите во Република Македонија, за да остваруваат свои цели, а го повтори и повикот дипломатските претставници во вршењето на своите надлежности да внимаваат на нивните постапки и реторики и да се придржуваат до Виенските конвенции.
„Затоа, ве повикувам да престанеме со реториката на патриоти и предавници. Да престанеме бидејќи со секој збор и навреда ја продлабочуваме поделбата во нашето општество. Со секој збор и навреда, на нашите потомци во наследство им оставаме само кавги и поделби. Да престанат и нападите кон дипломатските претставници. Да престанеме секогаш вината да ја бараме кај другите. Одредени политички лидери да престанат да се повикуваат и да ги злоупотребуваат имињата на амбасадорите во Република Македонија за да остваруваат свои цели. Истовремено, го повторувам и повикот дипломатските претставници во вршењето на своите надлежности да внимаваат на нивните постапки и реторика и да се придржуваат до Виенските конвенции", наведе претседателот Иванов.
- Политичките лидери да се заложат за европската агенда
Иванов повика шесте лидери на парламентарните партии да покажат одговорност и да ја обноват посветеноста за европска и за евроатланска Македонија.
„Ги повикувам што поскоро да потпишат обврзувачка декларација за посветеност на европската и евроатлантската агенда. Ги повикувам да се обврзат дека сите закони и решенија од европската агенда ќе имаат приоритет, се додека довербата на граѓаните во Европската Унија и НАТО е толку висока. Но, истовремено, ја повикувам Европската Унија да престане да ја блокира нашата иднина. Блокадата не е ништо друго освен казна за македонските граѓани. Со блокирањето на преговорите се блокира можноста за градење одговорни, европски институции во Република Македонија", порача претседателот Иванов во своето годишно обраќање.