Zlatan Kapiç,Talha Öztürk
06 Јануари 2017•Ажурирај: 07 Јануари 2017
БЕЛГРАД (АА) - Камерманот на Anadolu Agency (AA), Нихад Ибрахимкадиќ, по вчерашниот напад во кој се здоби со потешки телесни повреди во пределот на главата, денес беше опериран на Воено-медицинската академија на Белград, јавува Anadolu Agency (AA).
Според првичните информации, бил извршен речиси петчасовен оперативен зафат. Операцијата била успешна, иако се работело за тешки повреди во пределот на лицето. Состојбата на пациентот е стабилна, а закрепнувањето ќе трае подолго.
Потпретседателот на Владата на Република Србија и министерот за трговија, туризам и телекомуникации на таа земја, Расим Љаиќ, денес престојуваше на ВМА, каде што беше информиран за состојбата на Ибрахимкадиќ чиј оперативен зафат се одвивал во тоа време. Министерот за труд и социјала, Александар Вулин денес изрази поддршка за Ибрахимкадиќ, а во текот на денот е информриан за неговата состојба.
Министерот за внатрешни работи на Република Србија, Небојша Стефановиќ, вчера го посети Ибрахимкадиќ на Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград, а за време на посетата изјави дека полицијата води истрага во секој правец, со цел побрзо да се пронајде напаѓачот.
Порака со поддршка и желба за побрзо закрепнување вчера упати и претседателот на српската Влада, Александар Вучиќ.
Независното здружение на новинарите на Србија (НУНС) и Независното здружение на новинарите на Војводина (НДНВ) најостро го осудија дивјачкиот напад на Ибрахимкадиќ, камерманот на Anadolu Agency (AA) и ја повикаа полицијата колку што е можно побрзо да ги открие напаѓачите и мотивот за нападот.
Нападот на камерманот на АА го осуди и претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, која побара од властите на Србија брзо да се изврши истрагата и да бидат приведени сторителите на нападот.
Нихад Ибрахимкадиќ, камерман на АА, беше нападнат вчера, во раните утрински часови, во близина на железничката станица во Белград. Тој е тешко повреден, а по нападот го пронашле припадниците на жандармеријата и помогнале во транспортирањето до Воено-медицинската академија во Белград.
Неидентификуваните напаѓачи го нападнале камерманот од зад грб, а за време на нападот и по него не зборувале ништо, ниту пак зеле предмети од вредност. Вработениот на АА е нападнат во раните утрински часови, по враќањето од БиХ, каде што престојувал за време на новогодишните празници. Напаѓачите на Ибрахимкадиќ сѐ уште не се пронајдени.
Нихад Ибрахимкадиќ е ангажиран во Србија како камерман на АА од 2012 година.