Husamedin Gina
23 Август 2021•Ажурирај: 25 Август 2021
СКОПЈЕ
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, и министерот за здравство, Венко Филипче, денеска ја лансираа кампањата „За моментите на среќа - Вакцинирај се!“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според писменото соопштението од Кабинетот на Владата, кампањата има за цел да ги информира граѓаните за придобивките од вакцинацијата како начин за лична и колективна здравствена заштита од Ковид-19, да ја зголеми одговорноста и свесноста кај населението за важноста од вакцинирањето, да ги разбие сите митови, невистини и дезинформации поврзани со вакцините.
„Се наоѓаме во критична фаза наметната од мутациите на вирусот Сарс-Ков 2. Овие мутации, заедно со четвртиот бран во кој се наоѓаме и антиваксерското дезинформирање на населението, недвосмислено ја укажуваат потребата од масовно точно информирање за вакцинирањето. Тоа е пред сè наша одговорност. Сите мора да разбереме дека вакцините се единствениот спас од тешки форми на болеста и смртен исход од вирусот. Граѓаните мора да ги имаат точните, проверени, стручни информации за вакцините, за да се поттикнат промени во однесувањето и прифаќањето на масовната вакцинација, како би се запрел прогресот на пандемијата“, истакна премиерот Заев по повод почетокот на кампањата „Вакцинирај се!“.
Премиерот потенцираше дека вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата.
„Повикот на кампањата е едноставен и јасен – Вакцинирај се! Да ја прифатиме и да се отповикаме на повикот за масовна вакцинација за безгрижно детство и среќни училишни денови во пресрет на новата учебна и академска година“, нагласи претседателот на Владата, Зоран Заев.
Тој се осврна и на безбедноста на вакцините и истакна дека тие се безбедни и дека само со вакцинација на населението ќе го сочуваме колективното здравје.
Министерот за здравство, Венко Филипче, истакна дека кампањата „Вакцинирај се!“ има за цел и да го сврти вниманието на граѓаните кон потребата да бидат внимателни кога до нив стигаат информации и вести што не почиваат на вистина и на факти.
„Преку оваа кампања меѓу другото ќе се бориме и против низа дезинформации кои сè уште циркулираат и ги збунуваат и заплашуваат граѓаните. Наша цел е како и досега да ја испратиме вистинската информација и да ги разбиеме митовите и невистините околу вакцините. Во ова сакам да ни помогне секој кој смета дека вакцинацијата е единствен излез од пандемијата. Во оваа кампања ќе побараме поддршка од сите лекари, експерти, јавни личности, локални лидери и авторитети и сите кои сакаат да се вклучат и ја пренесат пораката - Вакцинирај се!“, истакна министерот за здравство, Венко Филипче.