Husamedin Gina
09 Мај 2022•Ажурирај: 10 Мај 2022
СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, истакна дека Европа денес не е само географија, и нагласи дека Европа и Европската Унија се концепт кој е заснован на заеднички основни верувања и убедувања за слободата, за демократијата и за човековите права, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ковачевски денеска положи цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“ во дворот на Владата и се обрати на пригодната свеченост по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.
Покрај премиерот, на свеченоста се обратија и амбасадорката на САД во Северна Македонија, Кејт Мери Брнз, и амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир.
Ковачевски во своето обраќање, истакнувајќи дека денес се слави голем ден, Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа, рече дека денешниот ден е запишан со златни букви во историјата на напредна Европа и Европејците.
„Изборот на македонскиот народ, заедно со сите други народи беше македонската држава да биде создадена како дом на слободата, дом на слободата за сите нејзини граѓани, без исклучок, држава на сите и за сите. Дом каков што е денеска Европската Унија, како што е напредна и прогресивна Европа“, нагласи премиерот Ковачевски.
Наведувајќи дека Европа денес не е само географија, Европската Унија не се само институциите во Брисел и Стразбур, премиерот додаде дека Европа и Европската Унија се концептот кој е заснован на заеднички основни верувања и убедувања за слободата, за демократијата и за човековите права.
Во своето обраќање на свеченоста, американската амбасадорка Кејт Мери Брнз истакна дека секоја нација што е присутна на свеченоста има свој уникатен идентитет што потекнува од заедничкото искуство, заедничка историја на почит за демократијата, суверенитетот и територијалниот интегритет.
Брнз додаде дека без разлика дали како партизани или заштитници, луѓето од секоја европска нација ги ценат жртвите дадени за одбрана на слободата и унапредување на мирот.
„Венците што се положуваат денес тука го поврзуваат и обединуваат народот на Северна Македонија со другите низ Европа кои исто така денес положуваат цвеќе. Тие се симболи на сеќавањето на оние кои ги дадоа животите и симболи на нашата посветеност да ги одржиме принципите за кои се жртвувале“, нагласи амбасадорката Брнз.
Амбасадорот на ЕУ во С. Македонија, Дејвид Гир, наведувајќи дека денес како сведоци на руската крвава и неоправдана војна во Украина, рече дека важноста на принципите врз кои е основана Европската Унија е поголема од кога било.
„На крајот на краиштата, трагично е што во Европа уште еднаш сме сведоци што всушност значи автократија, која е вистинската цена на доктрината силниот е секогаш во право“, додаде Гир.
Венци положија и делегации на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна, делегација на претседателот на Република Северна Македонија, делегација на Собранието на Северна Македонија, на Армијата на Северна Македонија, на дипломатскиот кор, како и на политички партии и други општествени граѓански организации.