Admir Fazlagic
28 Јануари 2018•Ажурирај: 28 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Вечерва во Скопје во Клубот на пратеници се одржа координативен состанок на државно-политичкиот врв за иницијалната рамка на медијаторот Метју Нимиц за спорот со името помеѓу Република Македонија и Грција, јавува Anadolu Agency (AA).
По координативниот состанок учесниците во изјава за медиумите ги искажаа своите впечатоци од состанокот истакнувајќи дека ваквите информативни и координативни средби на државно-политичкиот врв се корисни.
- Иванов: Очекувам да бидеме искоординирани за сите активности -
Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов рече дека на вечерашниот состанок биле информирани од премиерот и министерот за надворешни работи на Република Македонија за разговорите кои ги имале со колегите од Грција и за идеите од медијаторот Нимиц во врска со спорот околу името.
„Очекувам Владата во иднина да нѐ информира и да бидеме искоординирани за сите активности, но останува истовремено одговорноста на Владата благовремено да ја информира и јавноста за оние работи кои треба да се знаат во јавноста. Овој процес кој го водиме во рамките на Обединетите нации продолжува да се одвива во рамките на Обединетите нации, таму Македонија е активен учесник", рече Иванов.
Тој додаде дека со учесниците од вечерашната средба се договориле да не ги откриваат деталите за идеите на Нимиц со цел да можат со него да разговараат објективно.
- Заев: Со решавање на билатералниот спор да обезбедиме интеграција во ЕУ и во НАТО -
Премиерот на Република Македонија Зоран Заев по средбата изјави дека пред политичките претставници биле презентирани и дискутирани предложените идеји од медијаторот Нимиц, после што се разменети информации и мислења и за разговорите помеѓу него и неговиот грчки колега Алексис Цирпас. Заев истакна дека овој процес бара инклузивност, посветеност и политичка одговорност со цел градење национален концензус во земјата.
„Со решавањето на билатералниот спор кој трае 25 години имаме цел да обезбедиме напредок и интеграција на Македонија во ЕУ и во НАТО, како и заштита на националните интереси и достоинството на нашиот народ. За овие цели, неопходна е вклученоста на Владата, опозицијата, како и навремено и објективно информирање на јавноста. За тоа е потребна политичка волја од наша страна, но решение е можно доколку таква политичка волја постои и од грчка страна", истакна Заев, додавајќи дека Владата на Македонија ќе продолжи да разговара со сите политички чинители дома, како и со политичките претставници на Република Грција.
Заев додаде и дека е оптимист во однос на тоа дека може да се најде национален консензус за прашањето околу името, но потенцираше дека овој процес бара одговорност и неопходна е вклученост на сите.
- Ахмети: Ова е почеток на крајот на еден важен процес -
За Али Ахмети, лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), коалиционен партнер во Владата на Република Македонија, вечерашната средба беше една од најплодните што досега се одржале во однос на случувањата во државата.
„Јас високо го ценам овој дијалог од страните, во потрага по едно прифаливо решение за страните. Сметам дека ова е почеток на крајот на еден важен процес за нашата држава. Важно е државата да биде дел од НАТО, ЕУ, во мир и стабилност", изјави Ахмети.
- Мицковски: Целокупната одговорност останува на Владата на Македонија -
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, рече дека средбата беше од очекуван информативен карактер, на која бил презентиран предлогот на Нимиц, за кој рече дека повеќе или помалку и е познат на јавноста. Мицковски истакна дека целокупната одговорност за водење на процесот на преговорите околу името останува на Владата на Република Македонија.
„Од овој момент па натаму целокупниот процес за водење на преговорите поврзани за овој спор што Република Македонија го има со соседна Грција го води Владата. Тој спор треба и понатаму да го движи. ВМРО - ДПМНЕ е силен поддржувач и останува единствен на опцијата дека Македонија мора да биде дел од НАТО и ЕУ и ВМРО-ДПМНЕ останува на браникот на заштита на националните интереси на Република Македонија", изјави Мицковски.
На вечерашната координативна средба присуствуваа претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров, вицепремиерот за европски интеграции на Македонија, Бујар Османи, претседателот на ДУИ Али Ахмети, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, како и други претставници на државно-политичкиот врв на Македонија.
Инаку, во текот на наредната недела од Владата на Република Македонија е најавено дека земјата ќе ја посети медијаторот Метју Нимиц кој би требало да се состане со политичките лидери и да разговара за спорот околу името.
Потсетуваме, во рамките на Светскиот економски форум во Давос, кој се оджа во текот на оваа седмица се состанаа премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Цирпас кои разговараа за можните решенија за спорот околу името кој го имаат овие две држави.