Zülfiya Yakup
26 Април 2018•Ажурирај: 27 Април 2018
ПРИШТИНА (АА) - Во организација на косовското Министерство за безбедносни сили (КБС) денеска започна 8. Конференција „КБС и партнерите“, која собра голем број воени претставници на земјите-членки на НАТО, како и амбасадори и воени аташеа акредитирани во Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Отворајќи ја Конференцијата, министерот за безбедносни сили на Косово, Рустем Бериша, говорејќи за напредокот и целите на КБС, истакна дека многу работи на интеграцијата на немнозинските заедници за да се помине пропишаната квота од 10 отсто, што е постигнато во последното регрутирање на повеќе од 30 Срби од северно Косово.
„Многу работевме на подигнувањето на нашите оперативни капацитети, за да ги подготвиме КБС за трансформација во иднина. Апелирам да ни помогне и Српската листа, да ја сфати новата реалност и да придонесе за оваа трансформација“, рече Бериша.
Министерот истакна дека КБС имаат тенденција оваа година да се придружат на Јадранската карта A5, како и да воспостават контакти со земјите кои сè уште не го признале Косово. Во исто време, косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека аспирациите на Косово се членство во НАТО и дека Косовските безбедносни сили, како и Косово, се дом на сите заедници кои живеат во него, Албанци, Срби, Турци, Роми, Египќани и Бошњаци.
„Поминавме низ тешки времиња во минатото и сега градиме доверба. Трансформацијата на КБС во новиот мандат нема да ја промени основата на нашата земја и на нашата мисија, но и визијата на нашето општество. Станува збор за партнерство и зајакнување на нашата вистина дека секој е во својот дом и дека КБС е дом на сите кои живеат во оваа земја“, рече премиерот.
Командантот на КФОР, генерал-мајорот Салваторе Куочи, рече дека КФОР и КБС имаат посебен однос и голем број заеднички активности, вклучувајќи ја и вежбата „Сребрена сабја“, која е во тек. Тој истакна дека КБС продолжија интензивно со своите обуки и надвор од земјата, а има и екипи кои се вклучени во операциите надвор од земјата.
„За да ја зголемиме нашата мисија и да имаме безбедно Косово, КФОР поддржува мултиетнички безбедносни сили на Косово. Видовме и врз основа на последните анкети дека КБС е една од институциите на која повеќето луѓе и‘ веруваат. Јас би сакал да го спомнам успехот на кампањата која придонесе многу за вклучување на заедниците во оваа сила“, рече Куоко.
Конференцијата „КБС и партнерите“, ќе се фокусира на годишниот Билатерален план за 2018 година помеѓу Министерството на КСБ и билатералните партнери, како и на потребите и барањата на КБС за понатамошен развој за периодот 2019/2020.