Zülfiya Yakup
08 Мај 2017•Ажурирај: 09 Мај 2017
ПРИШТИНА (АА) - Косовската Влада в среда ќе го разгледа Нацрт-законот за ратификација на Договорот за државната граница со Црна Гора, откако на вонредна седница на Собранието ќе се гласа за доверба на Владата на премиерот Иса Мустафа, под иницијатива на опозицијата, јавува Anadolu Agency (АА).
Седницата на Владата свикана за денес, на која требаше да биде разгледан Договорот за државната граница со Црна Гора на којшто се спротивставува косовската опозиција, беше откажана по разговорот со претставниците на владејачката коалиција на ПДК и ЛДК.
Од Владата е соопштено дека на состанокот на кој присуствуваше и претставникот на САД, постигнат е договор седницата на Владата на којашто ќе се разгледува Нацрт-законот за ратификација на Договорот за државната граница помеѓу Косово и Црна Гора да се одржи в среда, по седницата на Собранието на Косово.
„Владата на Република Косово изразува полна посветеност, во тесна соработка со меѓународните стратешки партнери, САД и ЕУ, приоритетно да го третира прашањето за ратификација на државните граници со Црна Гора, како една од најважните одлуки за иднината на граѓаните и на државата Косово“, се наведува во соопштението на Владата.
Разгледувањето на Нацрт-законот за ратификација на Договорот за демаркација на границите помеѓу Косово и Црна Гора беше најавено во петокот, по телефонскиот разговор на премиерот Мустафа со заменикот државен секретар на САД, Хојт Ји.
Опозицијата веднаш реагираше и најави како и претходно, дека ќе протестира и во Собранието, и надвор од него.
Косовската опозиција тврди дека со тој договор Косово губи повеќе од 8.000 хектари земја.
Владејачката коалиција досега го немаше потребното двотретинско мнозинство на пратениците, или 80 гласови за ратификација на Договорот за демаркација, затоа што покрај опозицијата, на тој договор се противат и одредени пратеници од владејачките партии, Демократски сојуз на Косово(LDK) на Иса Мустафа и Демократската партија на Косово (PDK) на Кадри Весели.
Ратификувањето на договорот за демаркација на границите со Црна Гора е преостанат услов што Косово треба да го исполни за добивање визна либерализација од страна на ЕУ.