Zylfije Adem Jakupi
09 Септември 2021•Ажурирај: 14 Септември 2021
ПРИШТИНА
Две лица се убиени, додека едно е рането во пукотниците до кои дошло синоќа во Пеќ. Еден од убиените е кандидат за градоначалник на општина Пеќ од редовите на Демократската партија на Косово на претстојните локални избори, известува Агенција Анадолија (АА).
Канцеларијата за информации на Полицијата на Косово за регионот Пеќ соопшти дека синоќа „околу 20:20 часот, полицијата е известена дека во близина на економското училиште „Али Хадри“ во Пеќ имало пукотници во кои три лица се повредени и се префрлени во регионалната болница во Пеќ, а медицинскиот тим ја потврдил смртта на две жртви од овој настан.“
„Сите надлежни единици на Косовската полиција, како и јавниот обвинител, излегоа на местото на настанот за да се информираат за целиот настан. По спроведената истрага ќе може да се дадат дополнителни информации“, се наведува во соопштението.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свецла, соопшти дека во Пеќ се случило двојно убиство, а едно лице е рането и приведено.
„Безбедноста и благосостојбата на нашите граѓани се од суштинско значење. Затоа, посветени сме на разјаснување на случајот со сиот наш капацитет. Вакви инциденти на вооружено насилство мора да запрат“, напиша министерот на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук, изразувајќи им сочувство на семејствата на жртвите.
Изразувајќи им најдлабоко сочувство на семејствата на убиените, со соопштение се обрати и Демократската партија на Косово, во кое вели: „Демократската партија на Косово е шокирана од трагичната вест за двојното убиство во Пеќ, на нашиот кандидат за градоначалник на Пеќ, Астрит Адемај и на Блеранд Кадријај, поранешен кандидат за градоначалник на Дечани од 2017 година.“