Zylfije Adem Jakupi
06 Април 2021•Ажурирај: 07 Април 2021
ПРИШТИНА (АА) - Одделението за медицина при Министерството за одбрана на Косово, во координација со Министерството за здравство, денес започна со вакцинација против Ковид-19 на персоналот од медицинската служба на Косовските безбедносни сили, вклучувајќи ги лекарите, медицинските сестри, како и административниот и помошниот персонал, пренесува Агенција Анадолија (АА).
За одблизу да го следи спроведувањето на вакцинацијата во импровизираниот центар за вакцинација во Спортската сала „1 Октомври“ во Приштина денес престојуваше и министерот за одбрана, Арменд Мехај, во придружба на директорот на Одделението за медицина, полковникот д-р Џевдет Тахирај, и шефот на неговиот кабинет, Агиме Гашај, се соопштува од Министерството за одбрана.
Д-р Тахирај и одговорниот персонал на соодветниот центар го информираа министерот Мехај за системот и процедурите за вакцинација во овој центар.
Мехај го пофали високото ниво на организација на кампањата за вакцинација. Тој изрази задоволство поради почетокот на вакцинацијата со приоритет на медицинскиот персонал на КБС со оглед на спецификите за нивната посветеност на професионалните должности и одговорности во рамките на КБС, како и за директно решавање на предизвиците на пандемијата за време на активностите и операциите во воената поддршка на цивилните власти и граѓаните во кој било момент и ситуација.
Процесот на вакцинација на медицинскиот персонал на КБС ќе продолжи во наредните денови заедно со вакцинирањето на медицинскиот персонал на целиот здравствен систем на Косово.
Според податоците на Министерството за здравство, досега се вакцинирани над 3.000 здравствени работници, а до крајот на неделава се очекува вакцинирање на лицата постари од 80 години и високо загрозените лица.
Во Косово на 28 март пристигна првиот контингент од 24.000 дози на вакцината на АстраЗенека, што го овозможи УНИЦЕФ, преку програмата Ковакс, а првата вакцина ја прими премиерот на Косово, Албин Курти.
Другиот контингент од околу 80.000 дози на вакцината на АстраЗенека, што Косово ќе ја добие бесплатно од програмата Ковакс и Светската здравствена организација, се очекува пред мај оваа година.