Zülfiya Yakup
24 Февруари 2018•Ажурирај: 25 Февруари 2018
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели и премиерот Рамуш Харадинај соопштија дека постигнале консензус за ратификација на договорот за демаркација на границата меѓу Косово и Црна Гора, јавува Anadolu Agency (AA).
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај преку официјално соопштение потврди дека од владејачката коалиција е отстранета и последната политичка пречка за политичко единство во Собранието.
„Законот го содржи Договорот од август 2015 година, заедничката изјава на двајцата претседатели, Тачи и Вујановиќ, како и извештајот на Државната комисија за означување на границата со Црна Гора", се наведува во соопштението на Владата на Косово.
И Весели на својот Фејсбук профил потврди дека е постигнат консензус за ратификација на договорот за државна граница со Црна Гора. Тој им се заблагодари на премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иницијативата за Косово и на заменик премиерот Беџет Пацолина подготвеноста за консензус и на силниот конструктивен дијалог.
„Оваа соработка треба да нѐ прати и во други важни процеси во земјата", рече Весели.
Вонредна седница на Собранието беше прекината вчера поради недостаток на национален консензус за демаркацијата на границата. За време на вонредната седница ЛДК побара со Договорот за демаркација на границата со Црна Гора да не се гласа и за извештајот на Државната комисија која премиерот Рамуш Харадинај ја формираше по доаѓањето на чело на Владата. Тој извештај, наведува ЛДК, констатира дека имало грешки во утврдувањето на граничната линија и со тоа е во спротивност со договорот потпишан 2015 година со Црна Гора. Додека премиерот Харадинај и неговата Алијанса за иднината на Косово, инсистираат да се гласа и за извештајот на Комисијата.
Против договорот за демаркација, гласаа членовите на „Српска листа" и опозициското „Самоопределување". Ратификацијата на меѓународен договор бара двотретинско мнозинство од пратениците, додека владејачката коалиција има 61 глас.
Движењето „Самоопределување" има 32 пратеници, и „Српска листа" десет, така што без нивните гласови демаркација не може да се гласа.
Вонредна седница на Собранието беше свикана на барање на премиерот Харадинај откако Владата на Косово ги усвои измените и дополнувањата на нацрт-законот за демаркација во согласност со Анекс-договорот на претседателот на Косово и Црна Гора, со која се предвидува корекција на претходниот договор во случај доколку во правенц на Чакор и Куле се направени грешки.
Собранието на Црна Гора веќе го ратификуваше тој договор.
Ратификацијата на демаркацијата со Црна Гора покрај борбата против корупцијата е преостанатиот услов за либерализација на визите на граѓаните на Косово.