Agim Sulaj
26 Октомври 2025•Ажурирај: 27 Октомври 2025
ПРИШТИНА (АА) – Пратениците на деветтиот состав на Собранието на Косово не му дадоа поддршка на предлогот на мандатарот од Движењето Самоопределување, Албин Курти, за формирање на новата влада, јавува Анадолу.
Од 110 присутни пратеници во салата, само 56 пратеници од Движењето Самоопределување и мултиетничката група гласаа за владата на Курти.
„Со 56 гласа за, 52 против и 4 воздржани, Собранието не избра влада на Република Косово“, рече претседателот на Собранието, Димал Баша, по неуспехот за избор на новата влада.
На седницата, која се одржа по повеќе од шест месеца по почетокот на првата пленарна седница одржана на 15 април 2025 година, пред гласањето на пратениците им се обрати Албин Курти, барајќи од нив да гласаат за новата влада.
Курти рече дека имаат искрена понуда до другите партии за ко-влада и додаде дека „денес не сме тука за да ја делиме власта“.
„Секој ден без влада со целосни овластувања е изгубен ден за развојот, за граѓанинот и за државата. Покрај тоа, сè додека новата влада не се избере, тоа значи продолжување на мандатот на актуелната влада. Значи, ќе има влада, но пратениците ќе сметаат дека е невозможно да надгледуваат и да ја повикуваат на одговорност владата на власт за која не гласале како нов законодавен дом“, нагласи Курти
Тој рече дека владата предводена од него треба да се избере не од партиски интерес, туку од јавен и државен интерес, за да донесува итни одлуки, како што се гласање за предлог законот за буџетот, зголемување на платите во јавниот сектор, зголемување на пензиите, зголемување на детските додатоци, како и гласање за неколку меѓународни договори.
На 11 октомври, претседателката на Република Косово, Вјоса Османи, го потпиша указот со кој му даде мандат на лидерот на движењето Самоопределување, Албин Курти, да формира влада на Република Косово. Потоа, според Уставот, мандатарот за формирање на Владата, Курти, беше обврзан да го достави предлог-составот и програмата на Владата до Собранието на одобрување најдоцна во рок од петнаесет дена од датумот на донесувањето на указот.
Одлуката е донесена по официјалниот предлог на Движењето Самоопределување, која со 48 мандати освои најголем број места во Собранието според резултатите од изборите одржани на 9 февруари оваа година.
По неуспехот да се назначи нова влада, претседателката сега има обврска да ги покани партиите на консултации во рок од десет дена и да одреди нов мандатар кој може да обезбеди мнозинство за формирање на нова влада. Доколку Владата не може да се формира ниту по вториот обид, претседателката, според Уставот, мора да распише нови избори, кои мора да се одржат во рок од 45 дена.