Agim Sulaj
25 Февруари 2022•Ажурирај: 26 Февруари 2022
ПРИШТИНА (АА) ‒ Во косовскиот главен град Приштина се одржа протест против воената интервенција на Русија во Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Протестот беше организиран пред зградата на Руската канцеларија за врски во Приштина, од страна на Младинската иницијатива за човекови права.
Демонстрантите на овој протест побараа веднаш да престане војната во Украина, носејќи транспаренти со натписи: „Стоп за војна, спасете ја Украина“, „Мирот е поевтин“, „Војната никогаш не е решение“.
Маригона Шабиу, организаторка на протестот, истакна дека народот на Косово и државата треба силно да ја осудуваат, како што рече, „окупацијата на Украина од страна на Русија“.
„Упатуваме апел оваа војна да заврши веднаш и сите држави да се ангажираат и работат сериозно во насока на обезбедување мир и заштита на стабилноста на Украина и на сите држави во светот“, рече Шабиу.
„Покрај тоа што апелираме до руската држава да прекине со војната и окупацијата на Украина, исто така се солидаризираме со народот на Украина“, додаде таа.