Agim Sulaj
20 Мај 2026•Ажурирај: 20 Мај 2026
Седум лица од српска националност беа уапсени во вторникот од косовските власти во Општина Грачаница под сомнение за „закани, притисок и уцена“ врз слободната волја на гласачите во пресрет на предвремените парламентарни избори на 7 јуни 2026 година, јавува Анадолу.
Основното обвинителство во Приштина вчера соопшти дека во соработка со Дирекцијата за истрага на економски криминал и корупција при Полицијата презело истражни дејствија по медиумските извештаи и изјавите на министерот со технички мандат за заедници и враќање, Ненад Рашиќ, во врска со заплашување на гласачите во оваа општина.
Обвинителството соопшти дека обезбедило доволно изјави и докази кои подигаат сомнежи за нивна вмешаност во незаконски дејствија поврзани со кривичното дело „Повреда на слободното определување на гласачите“.
- Свечла: Ваквите акти што директно ги целат граѓаните од српската заедница во Косово произлегуваат од директиви оркестрирани од Србија
По апсењето на овие лица, министерот за внатрешни работи со технички мандат, Џелал Свечла, изјави дека заканите и притисоците врз гласачите во Грачаница произлегуваат од директиви оркестрирани од Србија.
Свечла ја поздрави акцијата на безбедносните институции за апсење на седум граѓани од српска националност во Грачаница, кои се сомничат дека се обиделе да влијаат врз гласачите преку закани, притисок и уцени.
„Ваквите акти што директно ги целат граѓаните од српската заедница во Косово произлегуваат од директиви оркестрирани од Србија, кои го нарушуваат политичкиот плурализам и демократскиот поредок во нашата земја“, изјави Свечла.
Според него, институциите на Косово ќе дејствуваат решително против секој обид за заплашување на граѓаните или изобличување на политичката волја.
Министерот Свечла додаде дека изборите во Косово продолжуваат да бидат оценувани во меѓународните извештаи за високиот стандард на организација и гарантирањето на слободната волја на граѓаните, и покрај „намерните политички блокади“.
- Српска листа вели дека апсењата немаат никаква врска со изборите на 7 јуни
Во врска со случајот реагираше и најголемата српска партија во Косово, Српска листа, која на прес-конференција изјави дека косовските власти уапсиле лица од здравствени и образовни институции и дека во овие апсења „директно учествувал Ненад Рашиќ, бидејќи ги нишанел Србите“.
Нејзиниот функционер Игор Симиќ на прес-конференцијата оцени дека на овој начин се спроведува „насилна интеграција“ на здравствените и образовните институции. Тој рече дека овие институции во српските средини функционираат во системот на Србија и дека се речиси единствените што останале, бидејќи во текот на последните две години сите други биле затворени од косовските власти со образложение дека се „паралелни и нелегални“.
Прашањето за интеграција на српското здравство и образование во Косово беше отворено во септември минатата година, кога премиерот Албин Курти изјави дека двојниот систем не е одржлив и дека е потребно „нивно инкорпорирање и обединување“.
„Овие денешни апсења немаат никаква врска со изборите, ова е обид за напад врз српското здравство и образование, а од друга страна, ако зборуваме за изборите, да му се помогне на Ненад Рашиќ со сила да ги добие гласовите на српскиот народ“, изјави Симиќ.
Во врска со овие апсења реагираа и властите во Србија, каде што вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека „сите лица кои со своите дејствија придонеле за приведување на пет Срби, директори на здравствени и образовни институции на Република Србија од централниот дел на Косово, ќе бидат гонети и санкционирани согласно со законите на Република Србија“, соопшти српското МВР.
Директорот на таканаречената Канцеларија за Косово во Владата на Србија, Петар Петковиќ, денеска изјави дека ги известил сите меѓународни претставници и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Петер Соренсен, за овие апсења, барајќи од нив „итно да се ангажираат по ова прашање“.
Министерот со технички мандат Рашиќ, кој е и лидер на партијата „За слобода, правда и опстанок“, на 14 мај на седницата на Владата изјави дека околу 20 лица кои го поддржуваат биле отпуштени од работа и дека во наредниот период се очекува уште околу 40 лица да добијат решенија за отказ само на територијата на Општина Грачаница поради притисоци од Србија.
Рашиќ тврди дека симпатизерите и членовите на неговата партија се задржувани на граничните премини со Србија од страна на српската Безбедносно-информативна агенција (БИА), каде што се прашувани за кого ќе гласаат на предвремените парламентарни избори на 7 јуни во Косово, додека Српска листа ги демантираше овие тврдења, наведувајќи дека Рашиќ нема легитимитет и дека се обидува да го „оправда“ поразот на претстојните избори.