Zülfiya Yakup
03 Јануари 2018•Ажурирај: 04 Јануари 2018
ПРИШТИНА (АА) - Основниот суд во Приштина ги прогласи за виновни четворицата пратеници на опозициското движење „Самоопределување“, за употреба на оружје, односно солзавец, во собраниската сала, како и за вознемирување на службени лица на должност и ги осуди на условни казни затвор, јавува Anadolu Agency (AA).
На изрекувањето на пресудата не присуствуваа обвинетите пратеници на косовското собрание, Албин Курти, Албулена Хаџиу, Доника Кадај Бујупи и Фатон Топали.
Судијата Бекир Калидра ја прочита пресудата и рече дека Албин Курти бил осуден условно на казна затвор од една година и шест месеци. Албулена Хаџиу доби условна казна од една година и три месеци затвор, Доника Кадај Бујуп доби условно една година и шест месеци затвор, а Фатон Топали беше условно осуден на година и два месеци затвор.
Доколку повторат некое кривично дело во наредните две години ќе морат да ги одслужат доделените затворски казни. Притоа ќе им биде пресметано и времето поминато во домашен притвор. Сите страни имаат право на жалба на пресудата во рок од 15 дена.
Опозицијата во 2015 и 2016 година користеше солзавец како средство на политичката борба против усвојување на договорот за демаркација на косовската граница со Црна Гора и договорот за Заедница на општините со српско мнозинство, кои ги сметаат како штетни за Косово.
Една од обвинетите Албулена Хаџиу најави дека ниту еден од пратениците нема да се појави на денешното рочиште за да ја слушнат, како што рече таа „политичката пресуда".
Албин Курти и Доника Кадај Бујупи во петок на 29 декември беа пуштени да се бранат со слобода. Тие заедно со Албулена Хаџиу беа уапсени на 24 ноември врз основа на судски налог за апсење бидејќи не се појавија на судското рочиште во врска со предметот фрлање солзавец во салата на Собранието на Косово. Тој ден им беше одреден притвор од 30 дена.
Само ден подоцна, на жалба на одбраната, Апелациониот суд одлучи на пратениците Албин Курти и Доника Кадај Бујупи мерката притвор да им се замени со домашен притвор, додека пратеничката Албулена Хаџиу беше пуштена да се брани од слобода.
Пратениците на опозициското движење „Самоопределување“, Албин Курти и Доника Кадај Бујупи на 27 ноември беа повторно уапсени поради прекршување на мерката домашен притвор.
Тие се појавија во центарот на Приштина на прослава, која ја организираше „Самоопределување “ по повод победа на Шпенда Ахмети на изборите за градоначалник на општина Приштина.