ПРИШТИНА (АА) - Кандидатот за премиер на Република Косово од Движењето „Самоопределување“, а воедно и претседател на партијата, изјави дека процесот на дијалог меѓу Приштина и Белград најпрво ќе го започне од интеграцијата на српските граѓани на Косово, а потоа ќе ги разгледа 33-те договори потпишани од почетокот на дијалогот и ќе формира преговарачки тим, вклучувајќи ја и опозицијата.
На предвремените парламентарни избори на Косово одржани на 6 октомври оваа година, Курти освои 25,49 проценти од гласовите, додека Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) обезбеди 24,83 проценти од гласовите. Овие две политички партии се очекува да ја формираат новата влада на земјата, предводена од Курти.
Во интервју за Anadolu Agency (AA), Курти зборуваше за разговорите за формирање на владата, односите со соседите, како и дијалогот Приштина - Белград.
- „Српската листа не е омилена партија на српската заедница во Косово, туку е партија од Белград“
Што се однесува до победничката партија на српската заедница во Косово, Српската листа, Курти рече дека ова не е омилената партија на српската заедница во Косово, туку е партија создадена од Белград. Тој изјави дека ќе бара други претставници од оваа заедница за соработка.
„Пред да дојдеме до Српската листа, имаме и други Срби кои се политичари, претставници кои ја признаваат независноста на Косово, ја признаваат нашата република и ги почитуваат Уставот и законите на нашата земја. Затоа не можеме да одиме кај Српската листа без да се сретнеме и да соработуваме со овие Срби кои се автентични при претставувањето и надвор од диктатот на Белград при дејствувањето“, рече Курти за АА, и додаде дека тие ќе разговараат со пратениците на Српската листа затоа што ќе бидат во косовскиот Парламент, иако според него, овој факт е несреќа.
Што се однесува до идејата за размена на територии меѓу Косово и Србија, Курти рече дека оваа идеја уште не е мртва, но со неговото доаѓање на власт оваа идеја нема да преживее.
„Морам да признаам дека идејата за размена на територија сè уште не е мртва. Бидејќи и претседателот на Косово и претседателот на Србија го преферираат тоа. Но, со новата влада, освен што неуспешниот проект ќе се запечати како неуспешен, и таквата идеја исто така умира. Тоа се решенија од 19 век, ние сме во 21 век и треба што побрзо да растеме економски, да имаме правна држава, да имаме борба против корупцијата и да влеземе во ЕУ што е можно поскоро, сите земји од Западен Балкан“, потенцира Курти.
И покрај неговото спротивставување на идејата за размена на територии, Курти вели дека ќе го води дијалогот со Србија и посредништво на Европската Унија (ЕУ), но додава дека и идната опозиција на земјата ќе биде дел од преговарачкиот тим.
„Со мене како премиер на Косово ќе започнеме уште од првата недела со дијалогот со Србите во Косово, од долу кон нагоре, за развој, за општествена интеграција. Признавам, ова е нешто друго. Но ќе го започнеме затоа што ниту еден премиер досега го нема направено ова“, вели тој, додавајќи дека по ова ќе направи биланс од 33-те досега потпишани договори меѓу Косово и Србија во текот на 6-годишниот дијалог 2011-2017 во Брисел, за да види колку се спроведени договорите и да се утврди нивното влијание.
Откако ќе заврши со овој процес, Курти вели дека ќе се подготват за дијалогот со Србија, со јасни принципи и косовски преговарачки тим со платформа и барања кон Србија.
„Јас нема да дозволам владина ароганција кон опозициските партии и исто така нема да дозволам Србија да навлезе како клин во косовската политичка сцена и да нè раздели и подели. Ние мора да застанеме заедно против Србија, а договорот што ќе се склучи еден ден со Србија ќе вклучува признавање на независноста на Косово, измена на Уставот на Србија, сукцесија на богатството и воено обештетување, да биде таков како што го опишав, неспоредливо повеќе ја менува Србија отколку Косово. За договор треба да се промени Србија, а не Косово“, изјави Курти за АА.
Зборувајќи за односите меѓу Косово и Албанија, Курти вели дека тие не можат да се споредат со односите со другите земји соседи. Курти вели дека различни ќе бидат односите со една „Србија која се прогласи себеси како непријател на независноста на Косово и албанскиот народ“.
- „Сакам Албанија да ја гледа Србија со очите на Косово“
Прашан дали ќе му се приклучи на таканаречениот „Мал Шенген“, инициран на последниот состанок во Нови Сад меѓу премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, како и од српскиот претседател, Александар Вучиќ, Курти рече дека не се спротивставува на регионалните иницијативи и дека Косово не треба да биде изоставено од ваквите иницијативи.
Истакнувајќи дека треба да се сретне со премиерот Рама за да се информира околу идејата, планот и начинот на оваа иницијатива, Курти вели: „Јас сакам Албанија да ја гледа Србија со очите на Косово. Ова е многу важно.“
Како што вели Курти, Косово е единствената земја во регионот која нема либерализација на визите и која има потреба за тоа.
„Ова го споменувам бидејќи рекоа дека ќе формираат балкански мини Шенген кога фактички овие три земји веќе имаат либерализација на визите. Поентата е како да го добие Косово, не овие што веќе ја имаат да создадат балкански мини Шенген. Во принцип, не се спротивставувам на регионалните иницијативи, но Косово таму треба да биде почитувано и активно. За да се стигне до таму, јас ќе го поставам ова прашање на првата средба што ќе ја имам со премиерот на Албанија, Еди Рама“, изјави Курти.
Таканаречениот „Мал Шенген“ има за цел олеснување на границите помеѓу шесте земји од Западен Балкан, овозможувајќи слободно движење на капиталот, стоките, услугите и луѓето. Северна Македонија, Албанија и Србија во Нови Сад потпишаа договор за ова прашање, каде што ги повикаа Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора да му се приклучат на „Малиот Шенген“ на Балканот.
- „Нобеловата награда за литература за Петер Хандке не е добра за општеството и литературата“
Добитник на Нобеловата награда за литература за 2019 година е Петер Хандке, кој е истакнат експонент на фашистичките идеи за потчинување и поробување на народите, како и страствен поддржувач на Милошевиќ и неговите геноцидни војни на Балканот. Според Курти, изборот за оваа награда е „чуден“.
„Навистина е чудно оценката на Нобеловиот комитет да го има толку малку предвид етичкиот дел кога ги наградува лауреатите за литература. Верувам дека тој е една личност што го сакала Милошевиќ многу повеќе отколку српскиот народ. Затоа мислам дека не е добро ни за општеството, но и за литературата, победник да биде еден писател како Петер Хандке“, изјави Курти за АА.
Според него, изборот на ова име е несреќен развој за наградата и за пораката што треба да се даде со ваквата престижна награда.
Лидерот на Движењето „Самоопределување“ зборуваше и за османлиските архиви кои се наоѓаат во Истанбул, изјавувајќи дека тие се многу важни за да се оспорат српските тврдења за Косово. Според Курти, не е доволна само независноста на Косово, туку е потребна и деколонизација и отстранување на „митот на Србија“.