Kemal Zorlak
11 Октомври 2021•Ажурирај: 12 Октомври 2021
БЕЛГРАД (АА) – Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, денеска на Самитот по повод 60-годишнината од Движењето на неврзаните земји, што се одржува во Белград, порача дека Русија има статус на набљудувач и дека тоа отвора нова шанса за соработка и решавање на сите прашања, регионални и светски, но и да се помогне во осигурувањето на мирот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лавров кажа дека е потребен конструктивен дијалог на сите земји во светот, денес кога ситуацијата во светот е сè потурбулентна, кога човештвото се соочува со многу предизвици.
Тој додаде дека главните принципи на Движењето им се многу потребни на сите, посебно во решавањето на комплетните ситуации и изградба на демократијата.
„Нашата земја има улога на набљудувач и тоа ни отвора нова шанса за соработка и решавање на сите прашања, регионални и светски, но и во помагањето да се осигури мирот“, рече Лавров.
Тој нагласи дека првиот состанок на Движењето во 1961 година тогаш на целиот свет му пратил јасна порака, дека нема друга алтернатива и дека треба да се решаваат сите предизвици кои еволуираат, а притоа не треба да се заборават главните концепти на ОН и воопшто на целиот поредок во светот.
Лавров на крајот додаде дека е неопходно да се избегнуваат двојните стандарди, дека е потребно да се чуваат идеалите на заемната почит и соработка, но и да се борат за заштита на човековите права, да се борат против тероризмот.
„Се надеваме дека и нашата улога како набљудувачи ќе помогне на сите координирани акции“, порача Лавров.