АДМИР ФАЗЛАГИЌ
СКОПЈЕ (АА) - Република Македонија се наоѓа пред уште еден референдум, закажан на 30 септември оваа година, што ќе биде трет по ред на државно ниво во изминатите 27 години, колку што е самостојна државата, пишува Anadolu Agency (AA).
- Хронологија на референдумите во Македонија
Првиот референдум во Македонија беше за независност — референдум одржан на 8 септември, 1991 година, кој резултираше со прогласување независност на Македонија од Социјалистичка Федеративна Република Југославија. На граѓаните тогаш им беше поставено прашањето: „Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“
На гласањето, според официјалните податоци, излегле 71,85 % од вкупниот број лица со право на глас. Од нив, на референдумот позитивно се изјасниле 95,26 % гласачи.
Вториот референдум во изминатите 27 години откако земјата е независна, се одржа во 2004 година. Беше распишан со цел изјаснување на граѓаните во врска со Законот за територијална поделба на Република Македонија. Беше одржан на 7 ноември 2004 година.
На референдумот мнозинството се искажа против новата територијална поделба, но референдумот не беше успешен поради тоа што излезноста беше 26,58 %, односно не беше постигнат законскиот потребен процент од 51 % излезност од вкупниот број избирачи.
Претстојниот, трет референдум од независноста на државата, е закажан за 30 септември оваа година и е дел од Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство кој во јуни годинава го потпишаа владите на Македонија и Грција. Според овој договор, Република Македонија ќе го смени своето уставно име во Република Северна Македонија.
Референдумското прашање ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција?“.
По тој повод од 10 септември, официјално започна и кампањата во пресрет на референдумот.
- Кампањи во пресрет на референдумот
Владејачката партија, Социјалдемократски сојуз на Македонија, ја предводи Коалицијата „Заедно ЗА Европска Македонија“. Коалицијата ја сочинуваат триесетина партии кои се обединија во повикот до граѓаните за позитивен исход на референдумот и за евроатлантска иднина на Македонија.
Политичките партии се согласија да ги повикаат граѓаните да излезат и да гласаат „за“ на претстојниот референдум и за членство на Македонија во НАТО и ЕУ.
Освен политички партии, во кампањата „за“ се вклучени и граѓански организации.
Тие истакнуваат дека спроведувањето на успешен референдум е чекор понапред во евроатлантските интеграции на земјата, а тоа на земјата, според нив, ќе ѝ донесе поголем просперитет, подобра иднина, безбедност, зголемување на инвестициите, а со сето тоа и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, за време на своите обраќања во текот на кампањата истакна дека ова е референдум за „втората независност“ на државата. Тој вели дека анкетите покажуваат дека мнозинството граѓани на Македонија посакуваат земјата да стане дел од НАТО и ЕУ и верува дека на 30 септември во земјата ќе се одржи успешен референдум.
Кампањата „за“ ја поддржува и Демократската унија за интеграција (ДУИ), партија на Албанците во Македонија, која е дел од владината коалиција.
Функционерите на оваа партија истакнуваат дека граѓаните треба да излезат на референдумот и да гласаат „за“, бидејќи, како што велат, тоа ќе ѝ помогне на земјата побрзо да стане членка на ЕУ и НАТО.
Исто така, според нив, Договорот за решавање на спорот за името е предуслов за силен напредок на државата, гаранција за границите, стабилност за мирот и економскиот развој, но и за зацврстување на идентитетот на сите етнички заедници.
Од друга страна, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ ги повика граѓаните на претстојниот референдум да гласаат по сопствено убедување и да донесат одлука. Тие сметаат дека Договорот за решавање на спорот за името со Грција е штетен и е во спротивност со националните интереси на државата.
Според лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, „со повеќезначното и манипулативно референдумско прашање граѓаните се доведуваат во забуна, зошто прашањето не се однесува на суштината - менувањето на името на државата“.
Освен кампањите „за“ и „против“, има и граѓански здруженија кои сметаат дека референдумот треба да се бојкотира.
Таканаречениот Кризен штаб против референдумот составен од неколку граѓански организации, настапува под слоганот „Македонија - бојкотира“.
Тие сметаат дека претстојниот референдум треба да се бојкотира, бидејќи според нивното мислење, НАТО не е организација во која Македонија треба да членува, а имаат и забелешки во однос на Договорот за решавање на спорот за името. Според нив, договорот е во спротивност со националните интереси на државата.
Во контекст на ставовите за референдумот на политичките лидери во Македонија, важно е да се напомене дека претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, смета дека Договорот за решавање на спорот за името е штетен за националните интереси на Македонија.
Откако Договорот за решавање на спорот за името со Грција беше ратификуван во Собранието, претседателот Иванов во јуни месец оваа година соопшти дека донесол одлука да не го потпише указот на Законот за ратификација на конечната спогодба за надминување на спорот за името меѓу Македонија и Грција.
Во писмото што тој го испратил до Парламентот, Иванов, меѓу другото, вели дека нема да прифати промена на Уставот заради промена на уставното име и не прифаќа идеи што го загрозуваат македонскиот национален идентитет.
- Иванов: „Нема да гласам на референдумот на 30 септември“
На средбите со меѓународните претставници, Иванов во своите соопштенија до јавноста истакнува дека и понатаму ќе ги поддржува европските и евроатлантските интеграции на Република Македонија кои се од огромно значење за просперитетот на државата, но истовремено порача дека „стратешките цели не смеат да се злоупотребуваат на сметка на националните интереси и интересите на македонскиот народ“.
Исто така, претседателот Иванов во својот говор пред присутните на настанот организиран од страна на Обединетата македонска дијаспора во Детроит, САД, истакна дека нема да излезе на гласање на референдумот на 30 септември, бидејќи, како што рече, двапати ја добил довербата на граѓаните за да не дозволи промена на Уставот, со цел промена на уставното име.
- Посети на претставници на меѓународната заедница во пресрет на референдумот
Во историјата на независноста на Република Македонија не се запаметени интензивни посети на странски дипломати, министри и претставници на меѓународната заедница, како што е случај во текот на овој месец, во пресрет на референдумот. Тие порачуваат дека не сакаат да се мешаат во внатрешните работи на земјата, но до граѓаните на Македонија имаат слична порака - да излезат на гласање, бидејќи, како што велат, предуслов за членство на земјата во ЕУ и НАТО е успешното спроведување на Договорот за името, а референдумот е дел од него.
Секретарот за одбрана на Соединетите Американски Држави (САД), Џејмс Норман Матис, кој на 17 септември оваа година престојуваше во официјална посета на Република Македонија, истакна дека претстојниот референдум е најважниот глас во историјата на земјата.
Матис за време на пристигнувањето во Македонија, ја обвини Русија дека ги користи своите пари и моќ да ја зајакне опозициската страна во пресрет на референдумот во Македонија што ќе го поплочи патот за приклучување на земјата во НАТО, потег на кој се противи Русија. Секретарот на САД истакна дека нема сомнение дека Москва финансира проруски групи, со цел референдумот за промена на името, кој треба да се одржи кон крајот на месец септември, да не успее.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој на почетокот на овој месец го посети Скопје, по средбата со премиерот Заев порача дека земјата има историска можност да стане членка на НАТО и на Европската Унија, но за да го направи тоа, мора да се согласи со Договорот за името, бидејќи, како што рече, нема друг пат за зачленување во НАТО.
Германската канцеларка, Ангела Меркел, исто така, престојуваше во посета на Македонија и порача дека за да биде дел од европското семејство во земјата е потребно уште многу работа, но предусловот е да има успешен референдум на 30 септември.
Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, по средбите со политичките лидери во Македонија упати апел до граѓаните со порака дека нивниот глас на претстојниот референдум на 30 септември е клучен за Европската Унија.
Државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Вес Мичел, за време на неговата посета на Македонија, изјави дека референдумот на 30 септември годинава, е историска можност за граѓаните на Македонија, на кои им порача да го остварат своето основно право и да гласаат.
Меѓу другите, во Македонија, во пресрет на референдумот претстојуваа и министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Хајко Мас, австрискиот канцелар, Себастијан Курц, министерот за Европа и Америка во британскиот Форин Офис, Алан Данкан, како и бројни други странски политичари. И тие, како и останатите, ги повика граѓаните на Македонија да учествуваат на претстојниот референдум.
- Русија негира мешање во внатрешните работи во Македонија
Во однос на обвинувањата на САД за мешање на Русија во внатрешните работи на Македонија, реагираше министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, кој негираше мешање на Русија во внатрешните работи на Македонија.
Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, за време на неодамнешната официјалната посета на Босна и Херцеговина, коментирајќи го прашањето во врска со Македонија, истакна дека „Русија не говори ништо што би можело да се протолкува како мешање во внатрешните работи, додека западните лидери тоа го прават директно, се залагаат за едно решение на претстојниот референдум“.
- Најмалку 903 илјади гласачи за успешен референдум
Државната изборна комисија на Република Македонија неодамна го заклучи избирачкиот список за претстојниот референдум. Право на глас на 30 септември имаат вкупно 1.806.336 избирачи. Според тоа, за да се постигне предвидениот цензус од 50 проценти плус еден глас, на референдумот треба да излезат најмалку 903.169 гласачи.
Претстојниот референдум за Договорот за името е консултативен, што според референдумската регулатива, значи дека неговите резултати не се обврзувачки за институциите. Сепак, пораките од Владата на Република Македонија се дека волјата што граѓаните ќе ја искажат на 30 септември ќе се смета за обврзувачка.
По спроведувањето на референдумот на 30 септември, потребно е во Собранието на Република Македонија со двотретинско мнозинство на пратениците да бидат ратификувани уставните измени од Договорот за решавање на спорот за името со Грција.
Откако овие процеси ќе завршат во Македонија, потребно е Договорот околу спорот за името да се ратификува во Парламентот на Грција.
Високите претставници на странските земји кои ја посетија Македонија во последниот период, освен што имаа порака за Македонија во однос на важноста на целосно имплементирање на Договорот околу спорот за името, истото го порачаа и на грчките политичари, сметајќи дека тоа е важно и за Грција.
Еден од нив беше министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас, во врска со прашањето „во случај референдумот да помине позитивно која е неговата порака до грчката страна, бидејќи потоа спроведувањето на Договорот ќе остане на грчката страна“, нагласи дека истата порака упатена до македонската страна важи и за грчката страна.
„На Грците нема да им речам ништо поразлично од тоа што ви го реков вам. Мислам дека ова е една историска можност, бидеќи ова несогласување повеќе од две декади, има можност да се реши, и тоа со можност да се прифати од страна на народите на двете земји. Ова не е само во интерес на Македонците, туку и во интерес на Грците“, рече шефот на германската дипломатија.
Според предвиденото, откако Македонија и Грција ќе ги завршат во целост своите обврски од Договорот околу спорот за името, се очекува до средината на наредната година, Македонија официјално да стане 30. членка на НАТО, но со сменето име, Република Северна Македонија.
- Спор околу името
Иако голем број земји ја признаа Македонија под нејзиното уставно име „Република Македонија“, Грција бара промена на името, со образложение дека во рамките на нејзините граници постои тероторија именувана како „Македонија“.
Од осамостојувањето на Македонија од 1991 година наваму, продолжува спорот околу името со јужниот сосед Грција, што е причина Македонија да не може да стане членка на ЕУ и НАТО.
По реакцијата на јужниот сосед Грција, Македонија на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации во април 1993 година е примена како членка на ОН под привремената референца „Поранешна Југословенска Република Македонија (FYROM)“.
Премиерот на Македонија, Зоран Заев, и премиерот на Грција, Алексис Ципрас, на 12 јуни оваа година одржаа прес-конференции и соопштија дека по интензивните средби, двете земји се договориле Македонија да го смени името во „Република Северна Македонија“. На средбата одржана на 17 јуни оваа година, беше потпишан Договорот со кој се решава долгогодишниот спор меѓу двете земји.
news_share_descriptionsubscription_contact
