Nazmi Abduramani
25 Јули 2018•Ажурирај: 26 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) - Македонија денеска ги почнува претпристапните преговори за членство во НАТО, откако на Самитот во Брисел на 12 јули земјата и официјално доби покана за членство, јавува Anadolu Agency (AA).
Во посета на Македонија е делегација на НАТО предводена од директорот за европски и глобални прашања на Алијансата, Џејмс МекКи, кој со претставници на сите релевантни институции вклучени во овој процес ќе разговара за политичките, безбедносните, одбранбените, финансиските и правните прашања во рамки на преговорите за членство.
МекКи на денешната заедничка прес-конференција со националниот координатор на Македонија за НАТО, Стево Пендаровски, рече дека очекува оти Македонија ќе стане 30 членка на НАТО за приближно 18 месеци.
МекКи нагласи дека откако ќе завршат внатрешните процедури во земјата и откако парламентите на сите земји членки на НАТО ќе ја ратификуваат одлуката за влез, Македонија ќе стане 30 членка на Алијансата.
„Земајќи ги предвид минатите искуства“, рече МекКи, „целиот овој процес би требало да трае околу 18 месеци“.
Тој додаде дека во разговорите со претставниците на македонските институции ќе се разговара и за низата реформи што се спроведуваат во државата, како и за оние што допрва треба да се сработат во процесот на пристапување кон Алијансата.
„Вашата земја повеќе години беше вклучена во процесот „Партнерство за мир“ и во изработката на акциските планови за членство, што значи дека вашата држава е навистина подготвена“, нагласи МекКи.
Пендаровки истакна дека со посетата на оваа висока делегација на НАТО, почнуваат претпристапните преговори.
„Со посетата на оваа висока делегација на НАТО, де факто, почнуваат претпристапните преговори, а тоа што имаме делегација на НАТО којашто е составена веднаш по донесување на одлуката на Самитот во Брисел значи дека Алијансата е подготвена промптно да одговори на заложбите што со години ги повторува, тоа е „политиката на отворени врати“. Тие имаат намера да ги исполнат своите обврски, ние треба да ги исполниме нашите обврски“, рече Пендаровски.
Пендаровски нагласи дека делегацијата на НАТО со претставниците на релевантните институции нема да разговара за политичките прашања, што се домашна задача, пред сè, тука се мисли на Договорот од Преспа, туку ќе се разговара за сè она што е типично во текот на претпристапните преговори со секоја земја досега, од воено-технички прашања, па сè до правните и финансиските импликации од идното членство на земјата во Алијансата.
Делегацијата на НАТО денеска оствари средба со премиерот Зоран Заев, на која тој се фокусираше на актуелната политичка состојба во земјата, и ја изрази подготвеноста на земјата со целосна посветеност и подготвеност да го започне процесот за членство во НАТО, бидејќи на Самитот на НАТО во Брисел земјата доби покана.