Husamedin Gina
17 Декември 2019•Ажурирај: 18 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) – Под мотото „Стоп за насилството врз сексуалните работници“, со присуство на околу стотина учесници во Скопје се одржа Маршот на црвените чадори по повод 17 декември - Меѓународниот ден против насилството врз сексуалните работници, јавува Агенција Анадолија (АА).
Маршот на црвените чадори кој се одржа во центарот на Скопје, беше организиран од Граѓанската иницијатива за заштита, промоција и унапредување на правата на сексуалните работници СТАР-СТАР.
Сексуалните работнички со црвени чадори порачаа да престане насилството врз нив, нагласувајќи дека сѐ уште нема никакви промени во општеството во однос на нивните права.
„Имаме право да работиме ослободени од страв и да бидеме заштитени од насилство, малтретирање, принудување и експлоатација. Заслужуваме безбедни работни услови и уживање на своите работнички права“, истакна сексуална работничка од маршот.
Од Граѓанската иницијатива истакнаа дека во 2018 година документирани се 100 случаи на насилство врз сексуалните работници, од кои 34 случаи на семејно насилство, што значи сексуалните работнички не се безбедни ниту дома.
Исто така, според нив, во 2019 година документираните случаи се помали, но тоа не се должи на позитивните промени во општеството, туку на тоа што сексуалните работници се обесхрабрени и немаат доверба во институциите.
Инаку, ова е 12. Марш на црвените чадори одржан во Скопје, со кој сексуалните работници бараат да не бидат маргинализирани.