Admir Fazlagic
13 Ноември 2018•Ажурирај: 14 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за внатрешни работи на Република Македонија доби потврда од унгарското министерство дека Никола Груевски е во Република Унгарија и дека побарал азил, пренесува Anadolu Agency (AA).
„По направените соодветни проверки, Министерството за внатрешни работи утврди дека лицето Никола Груевски, кое се бара заради извршување на казна затвор во траење од две години за сторено кривично дело- примање награда за противзаконито влијание, се наоѓа во Република Унгарија. Министерството за внатрешни работи на Република Македонија доби и потврда од унгарското министерство дека Никола Груевски е во Република Унгарија и дека побарал азил", соопшти вечерва Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.
Министерството за внатрешни работи на својата официјална интернет страница објави дека е распишана меѓународна потреница за поранешниот премиер Никола Груевски, кој се бара за пронаоѓање и приведување заради извршување на казната затвор во траење од две години за сторено кривично дело- примање награда за противзаконито влијание.
Исто така, во врска со информациите во јавноста дека Груевски се наоѓа во Унгарија свое соопштение вечерва објави и Министерството за надворешни работи на Република Македонија.
„Во врска со информациите во јавноста дека поранешниот премиер Никола Груевски пребегал во Будимпешта и побарал азил во Унгарија, денес во Министерството за надворешни работи беше повикан амбасадорот на Република Унгарија во Скопје, Ласло Дукс, на средба кај државниот секретар Виктор Димовски, со цел проверка на информацијата и по дипломатски канали", се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Македонија.
„Во разговорот беше нагласено, дека на својот европски и евроатлантски пат, Република Македонија е цврсто определена да опстои на вредностите на градење на правната држава, фунционирање на независното судство и борбата против организираниот криминал и корупцијата на сите нивоа, вклучувајќи ги и највисоките, што беше дел и од препораките во експертскиот извештај на Р. Прибе", се додава во соопштението.
По средбата во Министерството за надворешни работи, потврда за веродостојноста на информацијата е добиена преку Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, информираат од МНР.
- Груевски на Фејсбук: Побарав политички азил од унгарските власти
Потсетуваме, поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски, денеска на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека се наоѓа во Будимпешта каде што побарал политички азил од унгарските власти.
Груевски напиша дека во последните неколку дена примил безброј закани по неговиот живот.
„Јас сум во Будимпешта сега, побарав политички азил од унгарските власти. Секогаш ќе останам верен на каузата за Македонија. Никогаш нема да отстапам“, напиша Груевски.
Полицијата во Скопје вчера почна потрага по експремиерот Никола Груевски откако тој не се јави на издржување на двегодишната затворска казна по добивање известување од Основниот суд Скопје 1 дека судски доставувач не може да го пронајде да му врачи решение веднаш да се упати во затвор.
Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за набавката на луксузен мерцедес вреден 570 илјади евра. Против него се водат уште четири кривични постапки пред судовите за различни дела.
Исто така, на 3 јули минатата година, Основниот суд Скопје 1 соопшти дека на обвинетите во случајот „Титаник“ меѓу кои е и Груевски, за злосторничко здружување, кршење на избирачките права и злоупотреба на службените овластувања, по службена должност им се определуваат мерки за претпазливост – Обврска обвинетиот да се јавува кај надлежно службено лице во суд еднаш неделно, Привремено одземање на патна исправа и забрана за издавање нова и Приврмено одземање на дипломатска патна исправа.