Besar Ademi
30 Март 2017•Ажурирај: 31 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) – На претставувањето на годишниот извештај за 2016 година, во врска со нивото на почитување и заштита на човековите права и слободи, Народниот правобранител на Република Македонија, Иџет Мемети, рече дека во оваа насока не се забележани позитивни промени, туку стагнација, јавува Anadolu Agency (AA).
Мемети истакна дека исто така, во некои области е забележано влошување на состојбата, што во извештајот на народниот правобранител е констатирано со зголемениот број на прекршувања на правата и слободите на граѓаните за четири отсто.
Во 2016 година, канцеларијата на народниот правобранител процесираше 4.718 предмети, од кои во наведениот период беа примени 3.775 жалби, а 37 беа отворени по иницијатива на народниот правобранител. Мемети нагласи дека се констатирани 1.523 прекршувања на човековите слободи и права, додека во 1.358 случаи интервенциите се прифатени.
„Малтретирање при вршењето на должностите и нечовечки, деградирачки и нехуман третман на полицијата, констатиравме во текот на масовните протести на граѓаните против одлуката на претседателот за помилување на една голема група официјални претставници и лица, како и за време на транспортот на обвинетите во случајот на Куманово. Сепак, ниту нашата истрага не беше доволна за Македонија да покаже дека има ефикасна истрага против полициската бруталност и казнување, така што продолжува неказнивоста на полициските службеници. Овој феномен придонесува граѓаните да не се чувствуваат безбедно“, рече Мемети.
Исто така, Мемети ги осуди и изјавите за подобрување на условите во затворите и истакна: „Затворениците и понатаму остануваат во нехумани услови, додека се лишени од правото на здравствена заштита, иако таа им е загарантирана“. Тој додаде дека во попладневните часови, во затворите, затворениците лекуваат наместо лекари.
Според Мемети, во државните институции продолжува вработувањето врз етничка или партиска основа, а народниот правобранител тоа го смета за проект со кој се врши груба манипулација со граѓаните.
„Без конкретна анализа околу потребите на администрацијата, не можеме да зборуваме за квалитетен административен систем. Екстремно разочарувачки е наодот дека, наместо да работи за доброто на граѓаните, администрацијата работи во полза на партијата. Вознемирувачки се и феномените кога институциите ја спроведуваат партиската агенда“, истакна Мемети.
Тој посочи дека во текот на 2016 година, не само што не се забележало подобрување во однос на почитувањето на еднаквоста и неказнивоста, туку спротивно, забележано е зголемување на жалбите за нееднаков третман. Мемети рече дека поголемиот број од жалбите се однесува на дискриминацијата при вработувањето во јавната администрација, кое се остварува врз политичка основа.