Vesna Besiç
23 Декември 2019•Ажурирај: 24 Декември 2019
ЗАГРЕБ (АА) - Зоран Милановиќ води на листата претседателски кандидати по бројот на гласови, а на второ место е актуелната хрватска претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зоран Милановиќ е кандидат за Социјалдемократската партија (SDP) на Хрватска и 12 други партии, а Грабар-Китаровиќ кандидат на Хрватската демократска заедница (HDZ).
За победа во првиот круг од изборите беа потребни 50 отсто плус еден глас, што не ги постигна ниту еден од кандидатите. Со оглед на тоа, ќе се одржи втор круг избори на 5 јануари во кој ќе се бира помеѓу двајца кандидати - Милановиќ и Грабар-Китаровиќ.
Во 19 часот беа затворени избирачките места на претседателските избори низ цела Хрватска, на кои над 3,8 милиони регистрирани гласачи избираа меѓу 11-те претседателски кандидати, кои успеаја да соберат повеќе од 10.000 валидни потписи на поддршка на гласачите.
Вкупниот број на гласачи со право на глас на овие претседателски избори изнесуваше 3.854.747, што е за 75.466 повеќе отколку на претседателските избори во 2014 година. Причината е во тоа што автоматски сите гласачи во дијаспората кои имаат валидна лична карта, а кои не живеат во Хрватска, се ставени на списокот.
Одзивот на граѓаните на претседателските избори беше поголем во однос на 2014 година, кога одзивот беше 36,36 отсто.