Husamedin Gina
12 Јули 2021•Ажурирај: 13 Јули 2021
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, соопшти дека од денеска до четврток ќе биде отворен сајтот vakcinacija.mk за закажување на термини за вакцинација на децата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Министерството, Филипче истакнал дека секој родител или старател кој сака неговото дете да се вакцинира ќе треба да го пријави на веб страницата, со што ќе се добие термин за вакцинација.
Вакцинирањето, според министерот ќе започне в петок.
„Во однос на вакцинација на децата ќе треба да се закажуваат термини и тоа ќе биде веќе на сајтот vakcinacija.mk почнувајќи од денеска до четврток. Потоа ќе се поделат термините за вакцинирање на децата. Родителите или старателите ќе може да ги регистрираат децата и од петок ќе започне апликацијата на вакцините“, нагласува Филипче.
Тој појаснува дека закажување на термини за вакцинација на децата е поради планирање на потребните количини вакцини на „Фајзер“, нагласувајќи дека со една вијала треба да се вакцинираат шест лица, која по растворањето треба да се потроши во одредено време.
„Со закажување термини и утврден точен број на вакцини, ќе се исклучи можноста да се фрлаат вакцини“ додава министерот Филипче.