Elena Trenchevska Chekovic
05 Април 2025•Ажурирај: 07 Април 2025
СКОПЈЕ (АА) – Преку воведување механизми да не се дозволи билатерални спорови да бидат пречка за остварување на колективната и заедничка цел, порача денес претседателот на Владата на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, пренесува Анадолу.
Во Собранието на Северна Македонија денес се одржува редовниот годишен состанок на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на НАТО, во кој членуваат шефовите и заменик-шефовите на националните парламентарни делегации.
Состанокот со свои излагања го отворија премиерот Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и шефот на Делегацијата Драган Ковачки.
Мицкоски рече дека земјата во многу наврати ја докажала својата солидарност со останатите држави во светот, и дека „во својот трнлив пат до целта направи многу отстапки, многу одрекувања.“
„Сметам дека треба да се размисли за воведување на механизми каде нема да се дозволи билатерални спорови да бидат пречка за остварување на колективната и заедничка цел“, истакна Мицкоски, порачувајќи дека земјата ќе остане лојален партнер и заеднички посветено ќе се работи кон остварувањето на колективните цели.
Посочи дека во изминатите пет години од членството во НАТО, Северна Македонија активно придонесува кон колективната безбедност и стабилност на Алијансата.
„Нашите вооружени сили учествуваа во НАТО мисиите во Косово и Авганистан, демонстрирајќи ја нашата посветеност кон заедничките цели. Ја зголемивме одбранбената потрошувачка со јасен план да постигнеме резултат којшто ќе биде поголем од 2% од нашиот БДП, со што ја зајакнавме способноста да придонесеме кон колективната одбрана“, изјави Мицкоски.
Тој истакна дека регионалната соработка е клучна за стабилноста на Балканот.
„Преку иницијативи како Јадранската повелба и билатерални партнерства со соседните држави, вложуваме во безбедност што не познава граници“, рече премиерот Мицкоски, нагласувајќи дека Балканот може да биде пример за решавање на разликите преку дијалог и заемна почит.
Во меѓувреме, во објава на социјалните мрежи, Мицкоски по повод настанот истакна дека како лојален и активен член на Алијансата, земјата продолжува да придонесува за колективната безбедност, но и отворено да ги споделува очекувањата.
„Вистинското партнерство се гради на доверба, почит и искреност. Веруваме во силна, обединета Алијанса, која ги слуша и разбира сите свои членки еднакво, фер и достоинствено“, порача тој.