СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) - Бројни верници се собраа во џамиите во Северна Македонија, Албанија и Косово да клањаат Бајрам намаз, означувајќи го почетокот на еден од најголемите муслимански празници, јавува Anadolu Agency (AA).
Во последните неколку недели, во регионот се пријавени низок број нови случаи на новиот вид коронавирус (Ковид-19), при што властите ги олеснија мерките и се овозможи вообичаената молитва.
- Северна Македонија -
Во Северна Македонија, централната церемонија се одржа во Мустафа-пашината џамија во Скопје, во присуство на поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), Шаќир Фетаху, како и на муфтии, претставници на други верски институции и бројни верници.
За време на програмата пред молитвата, хорот на медресата „Иса-бег“ пееше делови од Куранот и илахии на албански, македонски, турски и босански јазик.
По молитвата, бајрамската хутба ја одржа поглаварот на ИВЗ, кој пренесе пораки за мир и солидарност, а подоцна во изјава за медиумите ја истакна важноста на курбанот, што е одлика на овој празник.
„Денес, утре и на третиот ден од Курбан бајрам, месото за Курбан бајрам ќе биде дистрибуирано до сите луѓе, без оглед на нивната вера, етничка припадност и така натаму, што во пракса ќе покаже дека оваа ибадет, оваа обврска, е мир меѓу луѓето, солидарност, хуманост, блискост едни со други, тоа е услуга кон другите, тоа е највисоко ниво на грижа за човекот, што е најголемото суштество на Семоќниот Алах“, рече Фетаху.
- Албанија -
Муслиманските верници во Албанија клањаа Бајрам намаз во џамиите во земјата, но и на градските плоштади.
Централната програма за молитвата во Албанија се одржа на Плоштадот „Скендербег“ во Тирана, со учество на илјадници верници.
Читањето на делови од Куранот, предавањата и бајрамската хутба беа дел од централната програма во Тирана.
Бајрам намаз се клањаше и во џамиите низ Албанија, собирајќи ги на едно место муслиманските верници.
- Косово -
И во Косово, муслиманските верници клањаа Бајрам намаз со физичко присуство во сите џамии во земјата.
Поради олабавувањето на мерките против Ковид-19, голем број верници се собраа во големата џамија на главниот град, „Султан Мехмет Фатих“.
Бајрамската хутба ја одржа поглаварот на Исламската заедница на Косово (ИЗК), муфтијата Наим Трнава, кој рече дека Курбан бајрам е еден од најважните празници за муслиманите.
Трнава истакна дека и оваа година, поради пандемиската состојба, не се дозволени посети на исламските свети места во Мека и Медина, додавајќи дека колењето на курбанот за време на овој празник е обврска за оние што имаат можност.
Тој исто така рече дека меѓу најголемите благослови на овој празник е бајрамската трпеза, која го стимулира размислувањето за вредностите на семејството и роднините.
По молитвата, верниците си честитаа едни на други, а потоа се разотидоа да го прослават празникот со семејството и пријателите.
- Што претставува Курбанот?
Празнувањето на Курбан бајрам започнува со бајрамската молитва во раните утрински часови во џамија, продолжува со колењето на курбаните за тие што имаат можност и со посета на блиските, роднините, комшиите и пријателите.
Карактеристично за празникот Курбан бајрам е принесувањето жртва – курбан, кој има симболика на приближување кон Бога. Обичајот го изведуваат сите што имаат можност за тоа. Оние што принеле жртва, потоа од месото раздаваат на сиромашните, соседите и на роднините. На овој ден се крунисува аџилакот на аџиите кои отишле да ја извршат петтата верска обврска (должност) на секој муслиман – аџилакот.
Колењето на курбаните треба да се изврши на начин на кој животните треба да се третираат добро, да не се измачуваат и да се зачува чистотата на околината.
news_share_descriptionsubscription_contact
