Ekipa
03 Јуни 2019•Ажурирај: 04 Јуни 2019
СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) - На пазарите и во продавниците во главните градови на Северна Македонија, Албанија и Косово, во пресрет на Рамазан Бајрам се забележува поголема фреквентност на граѓаните кои ги прават последните подготовки за пречек на овој голем празник за муслиманите, јавува Anadolu Agency (AA).
Зголемување на фреквентноста на граѓаните се забележува речиси во секое место во регионот, вклучувајќи ги и главните градови Скопје, Тирана и Приштина, чии пазари се подготвени да ги услужат граѓаните со потребните продукти.
Во Скопје, во Старата чаршија и на Бит пазар, муслиманите ги вршат последните подготовки за пречек на големиот празник во исламот, купувајќи продукти кои се наоѓаат на традиционалната бајрамска трпеза. Без оглед на финансиската состојба, на пазарите се наоѓаат голем број граѓани.
Меѓу најпосетените тезги на пазарите беа оние на кои се продаваше ореви, ф’стаци и слични производи кои се користат во подготовката на баклавата.
Бајрамската атмосфера се чувствува и во слаткарниците во Скопската чаршија. Во неможност да подготват баклава во нивните домови, која е неизоставен дел од бајрамската трпеза, бројни домаќинства купуваат баклава од слаткарници, создавајќи редици во нив.

Исто така, Новиот пазар во албанскиот главен град Тирана, во пресрет на Бајрам е повеќе посетен во споредба со другите денови. И пазарите во другите градови во оваа земја ги чекаат граѓаните за да купат производи за овој празник.
Меѓу најбараните слатки кои се и традиционални во земјата, е баклавата, но и кадаифот и другите слатки.
Исто така, голем број граѓани во Приштина ги посетуваат и Зелениот пазар, дуќаните и слаткарниците во градот.
На Зелениот пазар во Приштина, бројни граѓани ги полнат нивните корпи со овошје и зелечук, со различни зачини и со сѐ друго што е потребно за ручекот на денот на овој празник.
Исто така, и во најпосетените слаткарници во Приштина овие денови е зголемена побарувачката за слатки, локуми и за традициналната баклава. Некои семејства во овој главен град ја зачувуваат и традицијата на купување симити во ноќта на Бајрам за да имаат вкусна празнична храна.
Рамазан бајрам е празник кој се празнува по месецот на постот, Рамазан. Муслиманите пред Бајрам се солидаризираат со сиромашните донирајќи, со цел и тие да го одбележат овој празник на пригоден начин.