Gorana Jakovljevic
23 Ноември 2024•Ажурирај: 25 Ноември 2024
НОВИ САД (АА) - Вишиот суд во Нови Сад, Србија, донесе одлука да му одреди притвор во траење до 30 дена на Горан Весиќ, поранешниот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Србија, поради вознемирување на јавноста, јавува Анадолу.
„Судиите на претходна постапка во Вишиот суд во Нови Сад по сослушувањето донесоа решенија според кои, кон осомничените за кривичното дело тешко дело против општата безбедност во врска со кривичното дело предизвикување општа опасност, поради вознемирување на јавноста, на Г.В. и Н.Ш. им е одредена мерка притвор до 30 дена, а кон Ј.Т. и А.Д. мерка забрана за напуштање на станот со примена на електронски надзор во времетраење од 3 месеци“, се наведува во соопштението на Вишиот суд.
Се додава дека на осомничениот М.Ј. за кривично дело тешко дело против општата сигурност во врска со кривичното дело непрописно и неправилно извршување градежни работи, му е одреден притвор до 30 дена поради стравување дека доколку биде пуштен на слобода може да влијае на сведоците и поради вознемирување на јавноста. На осомничените за истото кривично дело С.Н, Љ.М.М, М.С, Д.Ј, М.Г, Д.Т. и З.С.М. покрај горенаведените основи, одреден им е и притвор до 30 дена и поради постоење на посебни околности кои укажуваат дека за краток временски период би можеле да го повторат кривичното дело за кое се основано осомничени.
„Против овие решенија дозволена е жалба до вонсудскиот совет на Вишиот суд во Нови Сад“, се наведува во соопштението на судот.
Претходно, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад му предложи на судот да одреди притвор за 13 осомничени во врска со уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 15 лица.
Меѓу нив, 12 осомничени се приведени и сослушани, а за осомничената Ј.С.М. е предложено распишување потерница бидејќи е недостапна за органите на прогонот.
Освен Весиќ, меѓу уапсените се и вршителката на должноста генерална директорка на Акционерското друштво „Железничка инфраструктура на Србија“ Јелена Танасковиќ, поранешниот директор на „Железничка инфраструктура на Србија“, Небојша Шурлан, и помошничката на министерот за железнички сообраќај, Анита Димоски.
Во трагедијата што се случи на 1 ноември, кога се урна настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, загинаа 15 лица, а две лица сѐ уште се во критична состојба.