Elvir Hociç
28 Ноември 2019•Ажурирај: 29 Ноември 2019
САРАЕВО (AA) – На премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на свечена академија во Народниот театар во Сараево му е врачена Меѓународната награда „Иса бег Исхаковиќ", јавува Агенција Анадолија (АА).
Овогодинашниот лауреат на црвениот ќилим пред Народниот театар го дочека и со воведно обраќање го отвори Амел Суљовиќ, кој вечерва по 12 години се повлече од Друштвото на основачите на Меѓународната награда „Иса бег Исхаковиќ".
Заев во обраќањето пред присутните истакна дека му е укажана исклучителна чест што е добитник на наградата наречена по основачот на Сараево.
„Посебна ми е чест што наградата го носи и признанието „Потрага по пријател". Најдобар начин да имаш пријател е да бидеш пријател", рече Заев и додаде дека е посебно богатство на човекот кога ќе препознае искрени пријатели.
Истакнувајќи дека е уверен дека, наместо судири, на Балканот ќе има пријателство, Заев рече дека психологијата на национализмот, радикализмот, популизмот, никому не му носи добро, а дека за сите во регионот е лошо она што е лошо за еден од народите.
Нагласувајќи дека Северна Македонија спровела реформи за да воспостови држава за еднакви можности за сите и реши повеќедецениски спорови со соседните земји Грција и Бугарија, Заев рече дека Европската унија не смее да ја пропушти шансата да препознае напредок на Балканот и заслужено да го награди.
„Ветување е европска вредност и очекуваме да се исполни и да се исправи историската грешка која е направена", порача Заев.
Заев исто така истакна дека и Северна Македонија и Босна и Херцеговина се мултинационални, мултикултурни и мултирелигиски земји и дека се своевидна „Европа во мало" која покажала дека соживотот е можен.
„Јас, Зоран Заев и мојот народ на Северна Македонија сме пријатели на Босна и Херцеговина и нејзините народи. Организаторите на овој собир ги повикувам да продолжат со потрагата, бидејќи се додека се бараат пријатели, тоа значи дека и ќе има пријатели", порача Заев и додаде:
Наградата на Заев му ја додели Комитетот на ова престижно и единствено државничко признание во Босна и Херцеговина кој повторно ги собра најеминентните претставници на босанско-херцеговската академска заедница на чело со академик Адила Пашалиќ-Кресо.
„Господинот Зоран Заев не само што значително ги унапреди односите во регионот на Западен Балкан туку покажа силно политичко лидерство во контекст на порешително приближување на р егионот кон Европската унија и НАТО. Комитетот не може да знае како веќе наредната година ќе изгледа политичката биографија на Зоран Заев, како што тоа не беше можно ниту во поглед на претходните лауреати кои во годините, во кои Комитетот им ги доделуваше наградите, истите ги заслужија, но напорите, иницијативите и резултатите на господин Заев во 2019 година, ќе останат без сомнеж забележани како позитивни и историски вреднувани", рече Пашалиќ-Кресо во образложението на одлуката за овогодинашниот избор.
Свечената академија, како и во претходните години, организирана е на највисоко државно ниво со учество на бројни гости од јавниот, политичкиот и културниот живот и претставниците на дипломатскиот кор во Босна и Херцеговина.
Настанот е збогатен со настапите на оркестарот на Сараевската филхармонија и првакот на Драмата на Народниот театар, Изудин Бајровиќ.