Husameddin Gina
28 Декември 2018•Ажурирај: 29 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска ги посети учениците од второ одделение од основното училиште „Братство“ во Скопје, по повод Нова година и им подари книги. Премиерот Заев ги повика учениците да пишуваат приказни и да ги испратат до Владата, за да се отпечати книга идната година, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Зоран Заев на новогодишната средба во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје се дружеше со учениците од основното училиште „Братство“, им подари книги и заедно со нив читаше приказна.
„Од денеска до крајот на учебната година, вие, заедно со вашите наставници и наставнички, ќе почнете да пишувате песнички, раскази, писма и ќе ни ги испраќате кај нас, во Владата. Ние ќе ги собереме вашите најдобри приказни, и ќе направиме една убава книга. Тоа ќе биде вашата прва книга. Таа книга ќе биде новогодишен подарок за вашите другарчиња за идната Нова година“, истакна премиерот Заев.
На крајот од новогодишната средба учениците на премиерот Зоран Заев, на македонски и на албански јазик му ја честитаа Новата година.Тој им се заблагодари на македонски и на албански.