Бесар АДЕМИ / Адмир ФАЗЛАГИЌ
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерот во Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во разговор за Anadolu Agency (AA) истакна дека поради разликата меѓу избирачкиот список и бројот на резидентните граѓани во Македонија, и да не се постигне цензусот на референдумот на 30 септември, ќе се земе предвид мнозинството на доминантните гласачи кои ако гласаат „за“ ќе се одрази во Парламентот со мнозинство за уставни измени.
На 30 септември граѓаните на Македонија ќе гласаат на референдум којшто е дел од Договорот со Грција, кој предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија, и којшто претставува главен услов за членството на земјата во НАТО и отворање на преговорите со Европската Унија (ЕУ).
Вицепремиерот Османи, воедно и политички преговарач со ЕУ, во разговор за АА oбјасни дека e тешко да се постигне цензус на референдумот, односно 50 отсто на излезноста на граѓаните на референдумот. Според него, ова прашање е повеќе техничко-логистички проблем, отколку недостаток на политичка волја, бидејќи, како што рече тој, на избирачкиот список се наоѓаат 1.8 милион гласачи, додека на последните избори гласале 1.2 милион реални гласачи во земјата.
Османи вели дека фактот што 50 отсто од граѓаните на Македонија е 70 или 80 отсто од бројот на резидентните жители, е нешто што го отежнува процесот, но тој изрази оптимизам дека двата услова ќе бидат исполнети, ќе се постигне цензус и мнозинството ќе гласа „за“ на референдумот.
- „Неуспехот на референдумот може да влијае и врз другите земји во регионот"
Според вицепремеирот Османи, можностите за неуспех на овој правец кој го започна земјата, се мали, поради тоа што граѓаните знаат дека може да се ризикува и стабилноста од создавање политичка и економска непредвидливост, нешто што потоа создава политички кризи, статус кво и економски кризи.
„Меѓутоа, тоа што ме прави оптимист е дека граѓаните ги знаат последиците и тие кои од политички аспект имаат други верувања, и кои го третираат спорот со името како емоционално прашање, на денот на гласањето знаат дека одлучуваат за нивните деца, и ќе ја донесат потребната одлука“, додаде Османи.
Тој нагласи дека несупехот на референдумот може да влијае и врз земјите на Балканот, бидејќи сите овие земји се поврзани и имаат една заедничка перспектива.
„Таа перспектива се базира на добрососедските односи, се базира на соработката и на заедничката евроатлантска перспектива која ја има регионот. Секое нарушување на овие моменти кои ги спомнав ќе има домино ефект во другите земји“, истакна Османи.
- „Договорот со Грција - предуслов за создавање заеднички државен идентитет"
Османи рече дека Договорот со Грција ги зајакнува и заштитува етничките идентитети на заедниците кои живеат во Македонија, како и тоа дека создава еден предуслов за создавање еден заеднички државен идентитет со кој ќе се идентификуваат сите заедници.
„Со спроведување на овој Договор, од страна на Грција се признава и македонскиот јазик, македонскиот народ или етничката македонска заедница. Но, со промена на името кој е различен од заедницата, се создава еден предуслов за еден нов државен идентитет, за кој мислам дека ќе биде додатна сила на внатрешната кохезија во земјата“, изјави Османи за АА.
Османи верува дека Македонија е модел за тоа како функционира една мултиетничка држава, бидејќи ја нашла специфичната формула како да биде една мултиетничка и мултикултурна демократија, која, како што рече тој, земјата ја базира врз принципот на внатрешна и на надворешна интеграција.
Османи истакна дека принципот на внатрешна интеграција се уредува со Охридскиот рамковен договор, бидејќи тој им овозможува на сите граѓани да бидат дел од државните институции, додека надворешната интеграција, граѓаните ги прави дел од НАТО и ЕУ.
„Овие две форми на интеграција на еден принцип, фактички го создаваат функционирањето на овој концепт или оваа формула на функционална демократија. Без овие две форми, Македонија ја губи формулата на соживот или мултиетничка функционалност. Сѐ додека овие договори се култивираат, почитуваат и имплементираат, било тоа за внатрешна или за надворешна интеграција, Македонија ќе биде модел за другите земји за тоа како функционира една мултиетничка и мултикултурна земја“, додаде Османи.
- „Западниот свет се смета за „кредибилен партнер“, Русија се спротивставува на решавањето на спорот со името"
Прашан околу тврдењата за интервенција на Русија во внатрешните работи на Македонија и руското негирање, при што Русија вели дека тоа го прават европските претставници, Османи верува дека западниот свет се смета за „кредибилен партнер“, додека Русија се спротивставува на членството на земјата во НАТО.
„Ние сме западен народ, ние сме западна земја, и му припаѓаме на Западот. Секое позитивно нешто што ѝ се случило на оваа земја, од независноста, се случило со помош на западниот свет, на САД и земјите членки на ЕУ. Кога тие доаѓаат тука се сметаат за кредибилен партнер“, рече Османи.
Османи нагласи дека граѓаните се сведоци на тоа како западниот свет и САД помагаа во секоја политичка и економска криза, но и во градењето на институциите на Македонија.
„Русија отворено излезе против членството на Македонија во НАТО, земајќи предвид дека решавањето на спорот со името значи членство во НАТО. Таа е и против затворање на овој проблем, и сигурно дека ќе се труди на различни начини за да нема успех“, додаде Османи.
- „Македонија ќе го поддржи членството на Косово во меѓународните организации"
Зборувајќи за актуалните случувања во регионот, македонскиот вицепремиер го коментираше и дијалогот помеѓу Косово и Србија, како и тврдењата за промена на границите меѓу овие две земји. Османи истакна дека иднината на Балканот ја гледа без граници, сите земји членки во ЕУ каде што границите се сосема неважни.
„Треба да има легален обврзувачки договор меѓу Србија и Косово, тоа е предуслов за членството на Србија и Косово во ЕУ, тоа е дел од Стратегијата за проширување на ЕУ. Мислам дека треба да има разговори, и ова прашање треба да се затвори. Косово треба да стане членка на ОН. Треба да има договор и заемно признавање”, вели тој.
Прашан дали Македонија ќе го поддржи членството на Косово во Меѓународната полициска организација (ИНТЕРПОЛ), за кое се очекува да биде изгласано во ноември оваа година, но и нејзиното членство во Организацијата за образование, наука и култура на ОН (УНЕСКО), Османи одговори дека Македонија целосно го поддржува меѓународното признавање на Косово.
„Македонија ја призна независноста на Косово. Ова е основната законска рамка што ги дефинира нашите односи и сѐ друго е субординирано во ова заемно прифаќање меѓу Македонија и Косово. Македонија целосно ја поддржува државноста на Косово и нејзинато меѓународно признавање”, смета Османи.
- „Македонија нема отворени прашања со соседните држави"
Османи нагласи дека по потпишувањето на Договорот со Грција, на Македонија не ѝ остануваат отворени прашања со соседните земји. Тој додава дека и понатаму сѐ уште се прават напори за интензивирање на соработката меѓу балканските земји, вклучително и инфраструктурни проекти и активности.
„Регионот никогаш не бил во поинтензивна комуникација отколку што е сега. Работиме и на регионалната економска зона, која е во рамки на Берлинскиот процес, како и на многу заеднички инфраструктурни проекти и активности што ја поврзуваат земјата, и само тој е начинот регионот да се движи напред”, истакнува Османи.
Тој, исто така, ги поздрави односите на неговата земја со Турција, опишувајќи ги како „секогаш добри односи“. Како што вели, Турција и Македонија долго време имаат одлична соработка и таа соработка продолжува и денес.
„Можеби имаме политички разлики во однос на нашите стратешки определби, но партнерството и билатералната соработка се интензивни и непобитни“, смета вицепремиерот Османи.
Почнувајќи од денес, 27 септември, започнува подготвителниот период за прием на Македонија во ЕУ. Османи рече дека во Брисел овие два дена ќе патува македонска делегација составена од околу 50 експерти кои ќе ги слушнат очекувањата на Брисел за тоа какви реформи треба да се направат во земјата.
По враќањето од Брисел, нагласи Османи, треба да се дефинира планот како да се исполнат празните простори на Поглавје 23 (Правосудство и основни права), а потоа во октомври да се продолжи и со други поглавја.
„Членка на НАТО (Македонија) ќе биде од следната година, со успешен референдум, додека за ЕУ ние сме оптимисти дека може да го постигнаме дадениот рок од Европската комисија за 2020 - 2025 година“, смета Османи.
news_share_descriptionsubscription_contact
