Abdulbesar Ademi
17 Септември 2020•Ажурирај: 19 Септември 2020
СКОПЈЕ
Во врска со таканаречениот „објаснувачки меморандум“, што Софија го испратила на земјите членки на Европската Унија (ЕУ) и кој го оспорува македонскиот идентитет и неговиот јазик, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, истакна дека официјалниот документ во врска со ова прашање не е доставен до Скопје, но дека овие прашање треба да се решаваат преку историчари, а не преку политичари, јавува Агенција Анадолија (АА).
По неговата средба со неговиот албански колега Гент Цакај, Османи говореше и за „објаснувачкиот меморандум“ на Бугарија, нагласувајќи дека неговиот став е дека целта на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, постигнат со Бугарија, е да се донесе ред во хаотичната комуникација што ја имале во последните декади, што се однесува до различностите меѓу двете земји.
Според него, договорот имал за цел да создаде две траектории, кои, како што рече тој, досега биле вкрстени и негативно влијаеле врз меѓусебната динамика.
Османи рече дека на едната траекторија се актуелните политички, економските односи и поддршката во евро-интеграциските процеси, додека во другата траекторија се наоѓаат разликите во толкувањето на историските настани кои ги преоптоваруваат односите меѓу двете земји.
„Пред овој договор, овие две траектории беа вкрстени и негативно влијаеја на меѓусебната динамика. Да кажам, ако имаше проект за политичка или економска соработка, една разлика во интерпретацијата на историските настани ќе ја оспоруваше таа динамика“, истакна Османи.
Тој истакна дека и во самиот договор постигнат меѓу двете земји се наведува дека историските прашања треба да се решаваат преку историчари и научници, додека на паралелен начин да се продолжи со процесите за интеграција на Северна Македонија во ЕУ.
„Нема да навлегувам во материјална, односно супстанцијална дебата во однос на текстот, бидејќи ние не сме дел од таа кореспонденција и официјално кај нас не е стигнат тој документ, но мислам дека сите, односно двете договорни страни, треба да ги почитуваме тие принципи дека овие траектории намерно сме ги раздвоиле за да можеме да ја држиме динамиката и во едната и во другата“, додаде тој.
Османи нагласи дека во комуникациите меѓу неговите колеги од европскиот блок ги изразил истите ставови, односно двете траектории кои ги спомна да останат одвоени и да не влијаат на односите меѓу двете земји.
Потсетуваме, во 2017 година Северна Македонија и Бугарија го потпишаа Договорот за добрососедство, пријателство и соработка. Според овој договор, формирана е Заедничка комисија на експерти за согласување за историографските факти и документи во врска со заедничките историски настани и личности, вклучувајќи го и Гоце Делчев.
- Нови услови од Бугарија за преговорите со ЕУ
Вчера, во пресрет на одлуката за започнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, Бугарија на земјите членки на ЕУ им испратила објаснувачки меморандум, кој се состои од шест страници со долги историски образложенија за „државна антибугарска идеологија“ во Северна Македонија. Софија бара поддршка од нив за нејзиниот став во врска со македонскиот идентитет и јазик.
Во меморандумот се вели дека земјите кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ, и се смета дека несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт кој „би можел при зачленувањето на Северна Македонија негативно да влијае врз носењето одлуки во ЕУ“.
Бугарските власти ја повикуваат Северна Македонија да изнајде долготрајни решенија со искрена политичка волја и храброст, и како што се вели во меморандумот, да раскине со идеолошкото наследство од комунистичка Југославија.
Што се однесува до македонскиот јазик, Бугарија во меморандумот споделен со земјите членки на ЕУ нагласува дека „македонскиот јазик или идентитет не постоеле до 2 август 1944 година“, и дека тие се создадени со цел да се поделат односите меѓу народите во Социјалистичка Република Македонија и Бугарија. Софија смета дека македонскиот јазик е регионален дијалект на бугарскиот јазик.