Husameddin Gina
30 Август 2018•Ажурирај: 31 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Здружението „Борка - за секој нов ден“ одржа прес-конференција по повод отворањето на Дневниот центар „Собата на Жозеф“ - за психо-социјална поддршка на децата заболени од малигни болести на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Од денеска на Одделот oнкологија, каде што во моментот има шест деца на хематологија и осум деца на онкологија, од кои сите не се со малигни заболувања, но околу десетина деца се лекуваат на Клиниката, ќе им биде овозможено да добиваат психо-социјална поддршка.
На свеченоста по тој повод присуствуваа министерот за здравство на Република Македонија, Венко Филипче, директорката на Клиниката за детски болести, Катерина Ставриќ, и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Во своето обраќање до присутните, претседателката на здружението „Борка - за секој нов ден“, Биба Додева, истакна дека е среќна поради тоа што оваа година здружението „Борка“ иницираше отворање Дневен центар, со цел да им се помогне на децата полесно да го минат процесот на лекување на ракот.
„Додека се грижиме за иднината, за тоа што нашите деца ќе станат утре, да не заборавиме дека тие и денес се некој. Денес да им дадеме поддршка, љубов и надеж за подобро утре“, изјави Додева.
Како што рече таа, проектот ќе трае една година, а целта е психолозите да можат заедно со учителите да влезат во системот на институциите и од идната година од Министерството за здравство да може да се вработат повеќе психолози за да може да им се помогне не само на децата, туку и на родителите на заболените деца.
Министерот за здравство на Република Македонија, Венко Филипче, упати благодарност до здружението „Борка“ коешто покажа инцијатива да се пружи услуга која во моментот не се дава во јавните здравствени установи.
„Заклучивме дека психо-социјалната поддршка е составен дел на секое лекување. Треба соодветно и системски да се пристапи за да го воведеме тоа како еден нов метод којшто ќе се аплицира, посебно кај најмалите пациенти, со цел што полесно да ги пребродат деновите поминати во болница, а многу често станува збор за најтешките дијагнози“, рече Филипче.
Тој додаде дека преку игра, разговор и соодветни часови на децата ќе им биде овозможено што полесно да ги поминат деновите во болница и да ги надминат своите најтешки мигови.
Директорката на Клиниката за детски болести, д-р Катерина Ставриќ, информираше дека се зајакнува тимот на психолози и со тоа ќе се овозможи психолошка поддршка на пациентите што се лекуваат на Клиниката. Таа се осврна и на проблемот со недостаток од стручен медицински кадар, истакнувајќи дека се вработени медицински сестри и со тоа делумно е надминат проблемот, но дека сè уште има потреба од нови вработувања на медицински персонал.
„Недостасуваат медицински сестри, примивме 40 медицински сестри и има потреба од уште толку поради потребата за повеќе медицински персонал и на децата и на родителите“, додаде Ставриќ.
Во Центарот, на децата заболени од рак и членовите од потесното семејство ќе им се овозможи, покрај другиот третман, да имаат пристап до семеен терапевт, кој ќе понуди стручна помош која е клучен сегмент во лекувањето и евентуалното излекување на ова тешко заболување.
Со оглед на тоа дека некои од децата престојуваат на Детската клиника по неколку месеци, тие изостануваат од училишните обврски. За да се надмине овој проблем во Центарот ќе бидат ангажирани учители кои ќе им помагаат на децата во учењето.