Miki Trajkovski
21 Април 2017•Ажурирај: 23 Април 2017
ОХРИД (АА) - Со најголемата произведена Шопска салата во светот од 202 килограми и 86 грама, Охрид влезе во Гинисовата книга на рекорди. За нејзиното производство се погрижи екипа од дваесеттина луѓе помеѓу кои и неколку кувари од Охрид, како и ученици од средното угостителско училиште „Ванчо Питошевски" од Охрид, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако беше направена салатата, таа беше измерена на специјална вага со која беше потврдена нејзината тежина. Во дополнителната подготовка се прикличија и претставници на општина Охрид како и дел од гостите кои присуствуваа на настанот.
„За Шопската салата беа употребени македонски производи. Според светски нормативи оди употребата на домат и краставица.Имаме 80 килограми домати и 80 килограми краставица, 20 килограми кромид, 10 килограми пиперка, 40 килограми сирење. Ни беа потребни околу 10 часа за приготвување на потребните намирници“, рече Димитар Арнаудовски, главниот кувар.
Според универзитетскиот професор на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, Бранко Николовски ова е одлична можност за промоција на Охрид и неговите специјалитети во меѓународни рамки.
„Овој настан има големо значење за Охрид и за нашиот регион пошироко и ќе не претстави во едно поинакво светло и ќе не вцртува на места кои се карактеризираат со одредени знаменитости и настани кои не впишуваат во Гинисовата книга на рекроди.Се надеваме дека на тој начин ќе обрнеме поголемо внимание на гастрономската понуда“, рече професор Николоски.
Инаку последниот рекорд направен за производство на Шопска салата беше во Бугарија во 2009 година со направени 86 килограми. Црвениот крст од Охрид дел од салатата ќе ја донира на хуманитарни организации и институции за хуманитарни цели.