Zylfije Adem Jakupi
01 Јуни 2021•Ажурирано: 02 Јуни 2021
ПРИШТИНА (АА) - Специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, по состанокот со косовските официјални претставници изрази надеж дека ќе има напредок во нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија, додека заменик-помошникот на американскиот државен секретар, Метју Палмер, ја потврди силната поддршка на процесот на дијалогот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лајчак на заедничката прес-конференција со Палмер изјави дека главна цел на оваа посета била подготовката на првиот состанок меѓу премиерот на Косово, Албин Курти, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, што ќе се одржи наскоро во Брисел.
Лајчак ги оцени состаноците со косовските официјални претставници како успешни и изрази надеж дека ќе има напредок во нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија.
„Оваа година има потенцијал да биде добра година за односите на ЕУ со Западен Балкан. Постои зголемен интерес за регионот и од раководството на ЕУ и од нејзините земји членки. Пред неколку дена имаше разговори меѓу 27 министри за надворешни работи. Ќе биде уште еден на 22 јуни, ќе го имаме Самитот за Западен Балкан и целата оваа платформа ќе се користи за унапредување на европската агенда за регионот, вклучително и Косово, и се надевам дека дијалогот меѓу Косово и Србија ќе стане еден од добрите примери за позитивен развој во регионот, обележувајќи напредок во процесот на нормализација на односите меѓу Косово и Србија“, нагласи Лајчак.
Заменик-помошникот на американскиот државен секретар, Метју Палмер, кој е и специјален пратеник на САД за Западен Балкан, рече дека не зависи од САД, ниту од Лајчак, каков вид компромис е потребен за да се постигне договор, туку дека тоа зависи од страните во процесот.
Американскиот претставник рече дека во врска со крајната цел на САД, тие сè уште веруваат дека меѓусебното признавање конечно ќе го остави ова прашање во минатото и ќе им го отвори патот и на Србија и на Косово кон Европа. Најдобар притисок врз обете страни, според него, е нивната желба и амбиција да напредуваат на нивниот европски пат.
„САД силно го поддржуваат дијалогот меѓу Косово и Србија, а целта на дијалогот е целосна нормализација на односите. Цел на САД е заемно признавање на двете земји, нешто што зад себе го остава минатото и го отвора патот за членство во Европската Унија и за Косово и за Србија. САД не се странка во процесот на дијалог, туку партнер.“
Тој исто така посочи дека долгорочната цел на САД е да ги поддржат евроатлантските интеграции за целиот регион на Западен Балкан, што е визија за иднината на самиот регион.