Fatjon Cuka
10 Јуни 2021•Ажурирај: 10 Јуни 2021
ТИРАНА (АА) - Собранието на Албанија изгласа разрешување од должноста на претседателот Илир Мета, по барањето поднесено од владејачката партија, Социјалистичката партија на Албанија, јавува Агенција Анадолија (АА).
За разрешување гласаа 104 пратеници, седуммина беа против, а тројца беа воздржани, од 114 важечки гласачки ливчиња.
На почетокот на седницата беше претставен и потоа одобрен извештајот на Парламентарната истражна комисија, која ги испита доказите според кои претседателот на Албанија, Илир Мета, извршил „сериозни кршења на Уставот“.
„Едностраните или неурамнотежени ставови на претседателот, особено оние што поттикнуваат на насилство, губење на неутралната улога на шеф на држава, која не е вклучена во дневнополитичката игра, туку треба да биде над страните и да обезбеди демократско функционирање на институциите, сето тоа се нешта кои за претседателот го изгубија атрибутот како шеф на државата и претставник на единството на народот“, се вели во извештајот на Истражната комисија.
- Рама: Мета го понижи Уставот на Република Албанија -
Премиерот на Албанија, Еди Рама, во својот говор на собраниската седница рече дека Мета „ја предал мисијата на претседател на Република Албанија“.
Според Рама, Мета го понижил Уставот на Република Албанија и ја срушил институцијата гарант на националното единство.
„Илир Мета го исчкрта лицето на албанската држава во односите со претставниците на меѓународната демократска заедница во Албанија. Албанија веќе не може да го носи Илир Мета на грб, станувајќи причина за светска смеа во очите на нејзините пријатели и сопствените граѓани. Со тоа овој Парламент денеска мора без двоумење да ја спроведе волјата на повеќе од 90 проценти од албанскиот народ, да го разреши Илир Мета од функцијата“, рече Рама.
- Конечна одлука за разрешување од страна на Уставниот суд -
Во меѓувреме, Собранието, одлуката за разрешување ќе ја испрати до Уставниот суд, кој кога ќе ја докаже вината на претседателот на државата, прогласува негова смена. Според Уставот, претседателот може да биде разрешен за сериозно кршење на Уставот и за извршено тешко кривично дело.
Според Уставот, во случај претседателот на државата да биде разрешен и позицијата да остане празна, неговото место го зазема претседателот на Собранието на Албанија.
Од друга страна, по повод денешната одлука реагира советникот за медиуми и портпарол на претседателот Мета, Теди Блуши, кој на социјалните мрежи објави: „Нула загриженост за противуставната и смешна одлука на монистичката парламентарна депонија.“
- Социјалистите бараа смена -
Социјалистичката партија на Албанија на крајот на април поднесе барање до Собранието за смена на претседателот на земјата, Илир Мета, тврдејќи дека пред и за време на предизборната кампања за парламентарните избори на 25 април „извршил дејствија спротивни на Уставот“.
Во барањето се наведува дека „Илир Мета во Кабинетот на претседателот на Албанија ја изгуби улогата на претставник на националното единство и модератор на политичкиот судир. Со своите пораки на јавноста во периодот пред и во текот на предизборната кампања, покажа дека неговата политичка линија е очигледно против владејачкото мнозинство и народот кој го поддржува.“
Ова е втора иницијатива преземена од Социјалистичката партија за соборување на претседателот Мета. Во јули 2020 година Собранието не донесе одлука за разрешување на претседателот Мета, на барање на Социјалистичката партија, заради контрола на законитоста за укинување на указот за локалните избори на 30 јуни 2019 година и постапките што следуваа во назначувањето на судии на Уставниот суд.
Да потсетиме, Илир Мета беше избран за претседател на државата од албанскиот Парламент на 28 април 2017 година со мандат од пет години, додека мандатот според Уставот му завршува во јули 2022 година.