Adel Omeragic
03 Јули 2019•Ажурирај: 04 Јули 2019
ПОДГОРИЦА (АА) - Полициските службеници од Северна Македонија, Албанија, Србија, Хрватска, Италија и Романија ќе бидат работно ангажирани ова лето во Црна Гора, сè со цел за што поквалитетна оперативна соработка со полицијата на Црна Гора за време на туристичката сезона, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што е соопштено од Управата на полицијата, црногорската полиција, со цел остварување поефикасна меѓународна полициска соработка, и оваа туристичка сезона ќе ги угости полициските службеници од регионот и за прв пат колегите од Романија.
Тие во текот на летото ќе бидат работно ангажирани на црногорското приморје и со службениците на црногорската полиција заедно ќе работат на превенција, откривање и расветлување на кривичните дела, како и на јакнење на квалитетните односи меѓу партнерските полициски служби.
Директорот на Управата на полицијата од Црна Гора, Веселин Вељовиќ, и директорот на Државната полиција на Република Албанија, Арди Велиу, денес во Подгорица го потпишаа Протоколот за соработка за време на летната туристичка сезона.