Fatjon Cuka
29 Март 2023•Ажурирај: 30 Март 2023
ТИРАНА (АА) - Албанската полиција спроведе акција за борба против дрога во Општина Голема Малесија, во округот Скадар, каде што се запленети околу 8.000 стебла, за кои се смета дека се од типот канабис сатива, пренесува Анадолу.
Во соопштението од Генералната полициска дирекција на Албанија се истакнува дека во рамки на операцијата именувана како „Кратери“ е приведен 52-годишен маж, осомничен „како организатор на оваа криминална активност“, и кривично се гонат за злоупотреба на службена должност тројца вработени во Општина Голема Малесија.
„Како резултат на оваа мегаоперација, во јама длабока 20 метри, идентификувани се 27 оранжерии, во кои се пронајдени одгледувани во коцки, околу 8.000 стебла од типот канабис сатива, во процес на одгледување во земја. Увидната група при увид на местото на настанот одзела вредни докази што ќе послужат на истрагата, а сè со цел расветлување и целосно документирање на оваа криминална активност“, се наведува во соопштението.
Според полицијата, продолжува работата на уништување на стеблата и уништување на материјалната основа што служела за одгледување на стеблата во коцки.
Се истакнува дека приведеното лице се товари за сторени кривични дела „Одгледување растенија од кои се добива опојна дрога“, „Производство и држење ловечко и спортско оружје без дозвола“ и „Изработување, држење, купување или продавање на ладно оружје без дозвола“, додека останатите лица кривично се гонат за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена должност“.