Husamedin Gina
13 Мај 2019•Ажурирај: 14 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) – Половина од испитаниците средношколци и студенти го читаат Куранот и Библијата, нагласи Зоран Матевски, директор на Центарот за интеркултурни студии и истражувања на Филозофскиот факултет при УКИМ, на трибината „Младите и религијата“ како прв настан од манифестацијата „Недела на заедничка молитва“, јавува Anadolu Agency (AA).
Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, годинава за првпат по повод 21 Мај - Светскиот ден на културната разноликост, дијалог и развој, прокламиран од ОН, спроведе истражување за мислењето на младата популација во Скопје за различни прашања од сферата на религијата.
Истражувањето е спроведено на репрезентативен примерок од 1202 испитаници од средните училишта и факултетите. Според етничката припадност, 61,71 отсто од испитаниците биле Македонци, 31,97 отсто Албанци, 1,49 отсто Бошњаци, 1,12 отсто Турци, а останатите Срби, Власи и Роми. Според верската припадност, пак, 57,49 отсто од испитаниците биле припадници на православното христијанство, 35,67 отсто од исламска, 0,34 од католичка вероисповед и 3,17 отсто атеисти.
Зоран Матевски, директорот на Центарот за интеркултурни студии и истражувања на Филозофскиот факултет при УКИМ, истакна дека изненадувачки е тоа што младите покажуваат голем степен на религиозност.
„Еден многу интересен податок е тоа што половина од испитаниците ја читаат Библијата и Куранот. Веројатно на ова придонес даваат предметите Етика на религиите и Запознавање на религиите што се учат во основно образование. Веројатно студентите сметаат дека нема да бидат академски граѓани ако не ја прочитаат најстарата книга на светот“, нагласи Зоран Матевски, додавајќи дека посетата на религиските храмови сè уште е на релативно низок степен и дека треба да се поработи на таа тема.
Тој, исто така, нагласи дека испитаниците покажале исклучително чувство на толеранција кон другите религии и дека тоа дава добра основа за наметнување на религиската толеранција во Северна Македонија.
Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, истакна дека спроведеното истражување е одличен индикатор за креирање политики и преземање иницијативи за понатаму.
„Резултатите потврдуваат за она што досега го знаеме дека имаме сериозно религиозно население, односно доминантното население ни е религиозно, а тоа се отсликува и кај младите. Но, младите сè уште немаат доволна доверба во верските заедници“, рече Сотировски, истакнувајќи дека е потребна поголема застапеност на верските заедници во медиумскиот простор.
Целта на трибината е да се отвори дискусија за различни прашања од сферата на религијата, а во фокусот притоа да се има специфична таргет-група како што е младата популација. Вакви трибини ќе се организираат и во другите градови низ Република Северна Македонија.