Abdula Berisha
09 Ноември 2020•Ажурирај: 10 Ноември 2020
СКОПЈЕ (АА) - Лидерите на Северна Македонија, Албанија и Србија, придружувани од министрите за здравство на соодветните земји, денес одржаа координативен состанок преку интернет видеоврска и потпишаа Меморандум за соработка во врска со новиот вид коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
На координативниот состанок присуствуваа премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев; премиерот на Албанија, Еди Рама; претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Србија, Ана Брнабиќ, како и министрите за здравство од трите земји.
Во изјавата по потпишувањето, премиерот Заев рече дека Меморандумот произлегува од иницијативата за напредна соработка, која, како што нагласи, е целоснo компатибилна со Берлинскиот процес.
„Почнувајќи веднаш, работиме на координација околу обезбедување на вакцина за Ковид-19 за нашите граѓани. Меѓусебно ќе се поддржуваме и ќе си помагаме во моменти доколку се случи преоптоварување на здравствените системи во нашите земји“, рече Заев.
Тој, исто така, истакна дека се отвораат „зелени коридори“ за патување на граѓаните и економските оператори, со цел да се ублажат последиците од пандемијата, додавајќи дека во трите земји може да се помине без ПЦР-тест. Меморандумот предвидува и размена на медицински искуства.
„Доколку еден граѓанин на некоја од земјите потписнички се затече на територијата на друга земја и треба да се лекува во земјата во која е хоспитализиран, тогаш државата во која се лекува ќе ги сноси трошоците за тоа лекување“, рече Заев.
Тој го поздрави фактот дека Косово ќе се приклучи на регионалните процеси и изрази надеж дека наскоро Црна Гора и Босна и Херцеговина ќе го сторат тоа.
- Албанија и Србија со договор за поминување на границите со лична карта -
Покрај Меморандумот за соработка во врска со Ковид-19, денес Албанија и Србија потпишаа договор според кој граѓаните од двете земји можат да ги поминат границите само со лична карта.
Албанскиот премиер, Еди Рама, рече дека е задоволен што Албанија потпишала договори со сите земји од Западен Балкан за преминување на границата со лична карта.
„Силно верувам дека оваа иницијатива ќе расте, ќе ни помогне на сите подобро да се запознаеме кога станува збор за секојдневните тешкотии на нашите економии, на социјалните предизвици, додека во исто време ќе ја направи атмосферата многу полесна за да најдеме решенија за доброто на нашите народи и за иднината, и за минатото“, рече Рама.
Потпишувањето на договорите го поздрави и српскиот претседател, Александар Вучиќ, кој рече дека тие имаат за цел да имаат вистинско позитивно влијание врз секојдневниот живот на граѓаните.
„Важно е да се стремиме и да одлучиме за иднината на нашите граѓани, како и да покажеме дека можеме да ја зачуваме нашата независност и да донесеме сопствени одлуки, пред сè и најважно, со оние во нашето соседство што ни се најблиски и затоа сум среќен за овие договори“, рече Вучиќ.