Husamedin Gina
29 Март 2019•Ажурирај: 31 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) - Специјалните полициски единици на Република Северна Македонија, Република Албанија и Република Косово во касарната „Ѓорче Петров“, во Скопје, ја изведоа првата заедничка тактичко-показна вежба „Western Balkan`s Flash“, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред министрите за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, на Република Косово, Екрем Мустафа, и пред заменик-министерката за внатрешни работи на Албанија, Ровена Вода, специјалните единици на трите земји ги демонстрираа точките тактичко гаѓање, хеликоптерско спуштање со упад во објект и препад на возило со апсење опасни лица.
„Заедничката показна вежба на специјалните полициски единици на трите земји“, нагласи Спасовски, „е најдобриот доказ дека земјите од регионот умеат да испратат вистинска порака за успешна регионална соработка“.
„Ова е многу важна и сериозна порака до граѓаните на трите држави, меѓутоа и до регионот и до Европската Унија, дека можеме заедно да соработуваме, да разменуваме искуства, да разменуваме вештини во обезбедување на стабилноста и безбедноста не само на нашите држави, туку и на регионот“, нагласи министерот Спасовски, додавајќи дека безбедноста и стабилноста придонесуваат за повеќе инвестиции и побогати граѓани.
Министерот за внатрешни работи на Република Косово, Екрем Мустафа, истакна дека првата заедничка тактичко-показна вежба била мошне успешна, а со тоа исто така ја покажале заложбата дека се подготвени да направат сè за безбедноста на граѓаните на трите земји.
„Нашите припадници што ги гледавме денеска на полигонот, каде што ги покажаа нивните вежби, се уште еден доказ дека нашите специјални единици и нашите држави се подготвени да придонесат за безбедноста не само на нашите држави, туку и пошироко во регионот“, рече Мустафа, истакнувајќи дека заедничката вежба е пример и за другите држави да видат како работат заедно.
Ровена Вода, заменик-министерката за внатрешни работи на Република Албанија, изјави дека со оваа вежба денес покажале и на другите и на Европската Унија дека умеат и можат заедно.
„Јас мислам дека Република Албанија, Република Северна Македонија, Република Косово и регионот денеска се многу побезбедни“, нагласи Ровена Вода.
Таа додаде дека посакува оваа вежба да премине во заедничка традиција, а идната вежба да биде одржана во Тирана.
По завршувањето на трилатералната вежба на учесниците од специјалните полициски единици им беа доделени сертификати и благодарници.