Admir Fazlagic
17 Мај 2018•Ажурирај: 17 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Поврзувањето на земјите од регионот и зајакнувањето на врските со Европската Унија се неопходни за едногласна поддршка на европските перспективи на Западен Балкан, порача премиерот на Република Македонија Зоран Заев на отворањето на ЕУ Самитот за Западен Балкан кој се одржува во бугарскиот главен град Софија, пренесува Anadolu Agency (AA).
На ЕУ Самитот за Западен Балкан учествуваат шефовите на држави или влади на земјите-членки на Европската унија и нивните колеги од регионот на Западен Балкан.
Како што соопшти Владата на Република Македонија, во официјалниот дел од програмата, премиерот Зоран Заев денеска беше пречекан од страна на премиерот на бугарската влада Бојко Борисов, по што учествуваше во сесијата на отворањето на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, со кој претседава претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во име на ЕУ заедно со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев ќе учествува во работната пленарна сесија на тема „Поврзување“ (Connectivity), а за време на работниот ручек на шефовите на владите и на држави, со највисоките претставници на телата на Европската Унија, е планирано да има свое обраќање на тема „Заедничко справување со заканите“.
Меѓу другото, од Владата информираат дека во рамките на својата агенда премиерот Зоран Заев денеска е предвидено да оствари средба со Канцеларката на Сојузна Република Германија Ангела Меркел, како и со премиерот на Холандија Марк Руте, како и со премиерите на Австрија и Шведска Себастијан Курц и Стефан Лофвен.
Лидерите на земјите учеснички на Самитот на ЕУ за Западен Балкан се очекува да ја усвојат Софиската декларацијата за Западен Балкан на ЕУ, како и Софиската агенда на приоритети, која содржи конкретни проекти кои ќе бидат поддржани од ЕУ за да се исполнат зацртаните цели од декларацијата насочени кон зајакнување на владеењето на правото и демократските институции во земјите на Западен Балкан, борбата против организираниот криминал, доброто владеење и почитувањето на правата на малцинските заедници, како и на зајакнување на економските врски меѓу земјите од регионот, и на регионот со ЕУ.